– Годините што изминуваат, особено ковид-пандемијата донесе една нова реалност во светот и создаде многу предизвици со кои се соочивме и сè уште се соочуваме. Војната во Украина, енергетската криза, инфлацијата, нови променетите услови на финансиските пазари, актуелните политики со царините се неизвесностите на глобален план што, повеќе или помалку, ги чувствуваме сите, а напорите што ги вложуваме и енергијата за справување со нив се различни. Некој плива по брановите полесно, некој потешко, но заедно може да направиме многу повеќе – рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во обраќањето на 28. Евроазиски економски форум во Турција, организиран од Фондацијата „Мармара“.
Таа додаде дека Македонија, како мала и отворена економија, она што се случува на глобално ниво, а особено во Европа, го чувствува и на домашен терен.
– Затоа политиките на Владата се насочени на краток рок да се поддржи домашната економија со цел да се намали ударот од овие надворешни влијанија и да се зголеми нејзината конкурентност.
Годинашниот самит на Фондацијата „Мармара“ е посветен на темата „Похуман свет“, каде што се присутни евроазиските лидери, кои зборуваат на актуелни теми поврзани со екологијата, економијата, енергијата, вештачката интелигенција, меѓународната соработка во здравствениот сектор и слично.