Изминативе месеци, гевгелиското средно училиште „Јосиф Јосифовски“ и невладината организација од Гевгелија ЗГ „Поддршка“ спроведуваат, секоја за себе, два проекта што придонесуваат за подобра меѓуетничка соработка, разбирање и за пријателство меѓу учениците од македонската, албанската и од турската етничка заедница

Македонија е земја во која живеат луѓе од различни етнички, јазични и културни заедници. Токму таа разновидност е нејзино богатство, но и предизвик кога станува збор за градењето заедничко општество засновано на почитување, толеранција и на соработка. Образованието игра клучна улога во овој процес, бидејќи училиштето е местото каде што младите луѓе ги учат не само предметите туку и вредностите што ќе ги водат во животот. Затоа, меѓуетничката интеграција во образованието претставува еден од најважните чекори кон создавање стабилна, мирна и инклузивна држава.
Во минатите години беа спроведени бројни програми за подобрување на меѓуетничките односи во училиштата. Една од најзначајните е Програмата за меѓуетничка интеграција во образованието (МИО), поддржана од Министерството за образование и наука и од меѓународните организации како УСАИД. Преку заеднички активности, ученички иницијативи, културни настани и спортски натпревари, се создаваат можности младите да се запознаат и да научат да соработуваат.
Изминативе месеци, гевгелиското средно училиште „Јосиф Јосифовски“ и невладината организација од Гевгелија ЗГ „Поддршка“ спроведуваат, секоја за себе, два проекта што придонесуваат за подобра меѓуетничка соработка, разбирање и за пријателство меѓу учениците од македонската, албанската и од турската етничка заедница.
Во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, на 24 октомври 2025 година, во Дојран, под менторство на професорите Тања Чугунцалиева, Розета Картова и Русица Атанасова беше реализиран проектот на СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија и на училиштето партнер – СУГС „Арсениј Јовков“ од Скопје.
– Овој проект започна уште во 2019 година. Целта на оваа долгорочна соработка е преку заеднички активности да се поттикнат пријателство, меѓусебно почитување и разбирање меѓу учениците од различни етнички заедници, како и развивање на духот на соработката, толеранцијата и културната поврзаност – вели професорката Чугунцалиева.
Во рамките на проектот, учениците и професорите од двете училишта имаат реализирано бројни средби и активности во Скопје, Гевгелија, Охрид, Солун и во Дојран.
– Секоја средба е збогатена со креативни работилници, игри, музички изведби и со уметнички активности, како изработка на мурали со пораки за единство и за пријателство, презентации и дегустации на македонски и на албански традиционални специјалитети, презентација на народни носии, како и спортски активности со мешани групи ученици Македонци и Албанци – потенцира Чугунцалиева.
Според неа, особено значајна активност било снимањето заеднички филмови за Дојран, каде што учениците ја раскажуваат приказната за ова место како симбол на пријателството и на заедништвото.
– Во текот на средбите, учениците играа ора, пееја песни на македонски и на албански јазик и преку уметност, музика и забава ја изразуваа својата желба за блискост и за почитување на различностите. Секоја година, преку проектот, се опфаќаат по 15 ученици од трета и од четврта година, Македонци од нашата гимназија, и по 15 ученици од трета и од четврта година, Албанци од „Арсени Јовков“ од Скопје, при што имаме ист број момчиња и девојчиња, кои преку дружење и учење едни за други ја градат свеста дека различностите не разделуваат, туку збогатуваат. Ваквите проекти значително придонесуваат за меѓусебно разбирање, прифаќање и за градење доверба, особено кај младите, кои се идни носители на општествените промени – нагалсува Чугунцалиева.
Таа потенцира дека оваа соработка е пример како преку образованието, културата и заедничките активности се создаваат трајни пријателства и мирен соживот.
– Се надеваме дека овие наши средби и проекти ќе траат уште долго време, обединувајќи нови генерации ученици во духот на толеранцијата, разбирањето и на заедништвото – вели професорката.
Здружението на граѓани „Поддршка“ во октомври го реализираше проектот „Заедно учиме – заедно создаваме“ во училиштата СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово и ООУ „Кочо Рацин“ – Дојран.
– Во рамките на овој проект се спроведоа низа активности со цел поттикнување на меѓуетничката соработка и подобрување на социјалната кохезија, разбирањето, толеранцијата и на заедништвото меѓу учениците. Во текот на проектот се реализираа едукативни работилници, спортски натпревари, уметничката активност „Мултиетнички мозаик“, екоактивности, како и литературен конкурс на тема „Заедно учиме – заедно создаваме“, на кој учениците, преку своите творби, ги изразија ставовите и вредностите на пријателството, почитувањето и на меѓусебната поддршка. На крајот беа доделени награди за најуспешните литературни творби, дипломи и благодарници, а учениците што учествуваа во сите активности ги покажаа своите креативност, тимски дух и отвореност за соработка – изјави Маја Проданова, член на ова здружение.
Настанот беше збогатен со присуството на претставници од Министерството за односи меѓу заедниците, директорите на двете училишта, наставници и членови на Здружението – едукатори што го реализираа проектот. Во наградената литературна творба, Лимоен Салија, ученичка од 7-б, напиша: „Кога учиме и создаваме заедно со луѓе од различна националност и вера, тие разлики стануваат наша сила. Светот е поубаво место за живеење кога во него живеат луѓе што ги почитуваат различностите. Магијата е, всушност, во заедничките учење и дружење, затоа што човечката душа не познава граници, таа ги гледа луѓето по добрината во нивните срца, а не по нивниот изглед.
– Проектот „Заедно учиме – заедно создаваме“ уште еднаш потврди дека преку заедничко учење, игра и креативност младите може да изградат посилни врски и да создадат заедница базирана на доверба, почитување и на разбирање – заврши Чугунцалива.
Меѓуетничката интеграција во образованието е темел за создавање општество во кое различностите не се причина за поделби, туку извор на сила и на богатство. Училиштата треба да бидат места каде што децата ќе учат да живеат заедно, да се почитуваат и да ги прифаќаат другите такви какви што се. Само така ќе можеме да изградиме идни генерации што ќе ја водат Македонија кон мирен соживот, еднаквост и кон заедништво.
(Љ. А.)












