Светлината во спалната може да го зголеми ризикот од инфаркт

Спијте во целосен мрак

48

Не е важно дали станува збор за меката светлина од вашиот будилник, телевизискиот екран што сте заборавиле да го исклучите или од светилката во ходникот – секое ноќно светло може да има последици за здравјето на срцето.

Нова студија предводена од д-р Даниел П. Виндрејд од Универзитетот „Флиндерс“ во Австралија, спроведена на речиси 89.000 учесници во текот на девет години, покажала дека спиењето со светлина го зголемува ризикот од срцев удар за дури 42 % во споредба со спиењето во целосен мрак.

Луѓето што спиеле во многу светли простории имале и поголема инциденција на срцева слабост, коронарна срцева болест, аритмија и мозочен удар, без оглед на исхраната, физичката активност, пушењето или генетската предиспозиција.

Како ја мереле научниците светлината?

Учесниците во студијата носеле специјални сензори на зглобовите, кои ги бележеле нивоата на светлина во период од седум дена и биле собрани повеќе од 13 милиони часа податоци за светлината.

Испитаниците биле поделени во групи според интензитетот на ноќното осветлување:

–  луѓето во умерено осветлени простории имале 20 % поголем ризик од срцев удар;

–  во посветлите простории ризикот бил 27 % поголем;

–  во најсветлите простории – дури 47 % поголем.

Кога ги зеле истражувачите предвид возраста, полот, начинот на живот и други фактори, зголемувањето на ризикот, сепак, бил 42 %.

Зошто е лоша ноќната светлина за срцето?

Нашето тело функционира според таканаречениот циркадијален ритам, внатрешен биолошки часовник што ги контролира крвниот притисок, срцевиот ритам, хормоните и спиењето. Светлината е главниот сигнал што го синхронизира овој ритам со денот и ноќта.

Кога ќе стигне светлината до очите во текот на спиењето:

– крвниот притисок останува покачен наместо природно да опаѓа;

– хормоните се ослободуваат во погрешно време;

– рамнотежата помеѓу нервниот систем за „борба или бегство“ и оној за „одмор и варење“ е нарушена.

На краток рок, ова доведува до зголемен срцев ритам, воспаление и до зголемено згрутчување на крвта. На долг рок, ваквите состојби придонесуваат за атеросклероза и го зголемуваат ризикот од срцев и од мозочен удар.

Кој е најмногу изложен на ризик?

Студијата покажала дека жените се почувствителни на штетните ефекти на светлината ноќе отколку мажите, особено кога станува збор за коронарна срцева болест и за срцева слабост. Исто така, помладите испитаници имале поголемо зголемување на ризикот од срцева слабост и аритмија отколку постарите луѓе, бидејќи нивниот биолошки часовник е почувствителен на промените на светлината.

Интересно е што генетскиот ризик не влијаел на резултатите: ноќната светлина го зголемува ризикот без оглед на наследната предиспозиција.

Дневната светлина има спротивен ефект

Додека светлината ноќе е штетна за срцето, изложеноста на дневна светлина може да има спротивен, заштитен ефект. Луѓето што поминувале повеќе време на дневна светлина имале помал ризик од срцеви заболувања и од мозочен удар, делумно затоа што биле физички поактивни. Значи, комбинацијата од престој на дневна светлина и целосен мрак додека спиете е најдобрата заштита за срцето.

Како да го заштитите вашето срце ноќе

Ова истражување, објавено во списанието „JAMA Нетворк опен“, нагласува дека светлината не е само естетски или удобен детаљ туку и фактор на ризик што може да го контролирате.

И затоа експертите советуваат:

–  користете завеси што целосно ја затемнуваат просторијата;

– исклучете ги телевизорот и електронските уреди пред спиење;

– доколку ви е потребна минимална светлина, изберете слабо црвена наместо сина или бела;

– за оние што работат во ноќни смени, се препорачува да обрнат особено внимание на исхраната, физичката активност и на редовните медицински прегледи, бидејќи темнината значи здравје за срцето.

Заклучок: ова истражување открива едноставна, но важна вистина: спијте во целосен мрак – вашето срце ќе ви биде благодарно.

ИЗДВОЕНИ