петок, јануари 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Светиот крст повторно ќе ги освети водите во сите краишта на Македонија

Светиот крст повторно ќе ги освети водите во сите краишта на Македонија

17

Со литургии, литии и со масовно присуство на верниците, Богојавление – Водици и оваа година ќе биде одбележан достоинствено и во духот на вековната традиција, како еден од најзначајните празници во православниот календар насекаде низ Македонија, со традиционалниот чин на положување на светиот крст во водите – реки, езера, базени и осветени садови. Според верувањето, со овој обред водата станува света и благословена, а празникот симболизира духовно прочистување, вера и заедништво.

Централните манифестации ќе се одржат во Охрид и во Скопје, но положувањето на чесниот крст ќе продолжи и во скопските општини, другите градови низ државата, како и во помалите населени места, каде што традиционално се одбележува Водици со голема почит и со масовно присуство на верниците.

Охрид и оваа година е подготвен да биде домаќин на најмасовната верска манифестација во земјава. Во изминатите денови беше извршено чистење на дното на Охридското Езеро од камења, песок и отпад, а целосно е уредено и Градското пристаниште, каде што учесниците ќе влегуваат по светиот крст.

Дебарско-кичевската епархија ќе организира богослужби во сите парохиски цркви во Охрид, како и архијерејска литургија во Каменско, по што верниците во литии ќе се упатат кон Градското пристаниште. Точно во 10:00 часот, светиот крст ќе биде положен во водите на Охридското Езеро.

На настанот ќе бидат ангажирани општинските служби, јавните претпријатија, Црвениот крст, нуркачките клубови, пожарната и здравствените установи, со цел да се обезбеди безбедно и достоинствено одвивање на манифестацијата. Истовремено, од 9:00 до 15:00 часот, во Домот на културата „Григор Прличев“ ќе се одржи крводарителска акција, а напладне ќе се организира и групно крштевање кај Сараиште.

Празнувањата во Охрид ќе продолжат наредниот ден, со Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител, кога ќе се одржи традиционалното капење на рибарите во месноста Сараиште.

Во Скопје, централната манифестација ќе ја организира Скопската епархија, со положување на светиот крст од мостот „Слобода“ во реката Вардар. Светата литургија во црквата „Пресвета Богородица“ ќе започне во 9:00 часот, а по литијата предводена од архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, ќе биде положен крстот во Вардар точно во 12:00 часот. Повеќе од стотина верници, кои претходно поминале здравствени прегледи, ќе скокаат по крстот, а за безбедноста ќе се грижат екипи на Брзата помош, Црвениот крст и полицијата.

Чинот на положување на светиот крст ќе се одржи и во скопските општини, меѓу кои и Општина Илинден, каде што ќе биде положен крстот во езерото кај хотелот „Белви“. Од Општината ги повикуваат граѓаните масовно да присуствуваат, а за учесникот што ќе го фати крстот се најавени награди.

Достоинствено и свечено ќе биде одбележан празникот Водици и во Крива Паланка, со литија до Крива Река и празнична програма на Градскиот плоштад, во рамките на манифестацијата „Пивтијада 2026“. Најавени се настани и во Кратово, Прилеп, Ранковце, како и во Тетовскиот Регион, каде што традицијата на положување или поставување на крстот се негува со децении.

ИЗДВОЕНИ