Храм кој го слави својот светител, храм кој обединува, кој по многу нешта е единствен и по кого се препознаваат Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и православните верници во Македонија. Сето ова е содржано во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, кој годинава наврши 35 години од своето осветување во август 1990 година. Така е сите овие децении, така ќе биде и на денот кога се одбележува денот на патронот и големиот светител, свети Климент Охридски. А чествувањето на првиот македонски епископ е и прилика за потсетување на значењето на централниот храм, за тоа како била донесена одлуката за неговата градба, како бил избран уникатниот проект, па сè до тоа зошто доцнела градбата и како потоа храмот станал центарот на верското, но и на општественото живеење и симбол со кој се гордеат градот и државата.
Тогаш, кога на 23 април 1972 година беше удрен првиот темел на големиот храм, имаше повеќе причини за неговата градба. Тоа е период само пет години откако во 1967 година во Охрид беше прогласена македонската црковна автокефалност. Тоа значеше дека на самостојната православна црква ѝ е потребен и соборен храм согласно со традицијата на православните. Некогашната соборна црква „Свети Мина“ беше оштетена во скопските поплави и урната по катастрофалниот земјотрес, а новоодредената соборна црква „Свети Димитрија“, сепак, не можела да ги задоволи таквите потреби.
Одлуката за градбата на новиот храм била брзо донесена и со поддршка на тогашните градски и државни власти. Црковниот Синод, на чие чело беше првиот македонски архиепископ Доситеј, заедно со владиците Климент, Методиј, Наум и Кирил, веќе во февруари 1971 година донесе одлука. „Соборната црква ќе биде посветена на свети Климент Охридски – Чудотворец, пишува во историската одлука, по која тргна градбата.
Смее ли црква да биде блиску до це-ка?
а да биде блиску до це-ка?Изборот на локацијата, сепак, не бил лесен. Сведоците на тие настани за весникот ВЕЧЕР кажуваат дека требало да се најде компромис меѓу повеќе фактори – храмот да биде импресивен, но и да не стане доминантен во тогашно атеистичко општество. Една од главните опции била почетокот на булеварот „Партизански одреди“ околу кој се возобновуваше ранетиот град.
– Иако тогашната власт поддржуваше македонска црковна автокефалност, се појави дилемата дали големиот верски храм е, сепак, преблиску до седиштето на тогашниот Централен комитет на Сојузот на комунистите на Македонија? Односно, дека големиот објект ќе го стави во сенка атеистичкиот Комитет и дека тоа ќе се одрази кај граѓаните. Но, сепак, струјата во раководството која сметаше дека локацијата е добра, превагна – ни вели еден од сведоците на настаните кој сакаше да остане анонимен.
Друг проблем произлезе кога проектантите на новото Скопје решија да се гради долгата линија на висококатници кои го чинат Градскиот ѕид.
– Тогаш дојдоа кај архиепископот Доситеј за да го прашаат дали на МПЦ-ОА ќе ѝ пречи што со Градскиот ѕид, храмот нема да се гледа од главниот градски плоштад, што на некој начин ќе биде затскриен. А дедо Доситеј одговори дека тоа нема да пречи, само определената локација да не се намалува. Кажавме и дека околните згради ќе донесат и верници во новата црква – ни раскажува еден од учесниците во разговорите.
Така и започна градбата. Со свечена црковна церемонија, со запечатена повелба во која пишуваше и тоа дека темелникот се осветува во годината кога се „одбележува 100-годишнината од раѓањето на големиот син на македонскиот народ, Гоце Делчев, и кога претседател на Собранието на Град Скопје е Драгољуб Ставрев и дека храмот ќе се гради со дарение на македонскиот народ и општество…“ Во темелот се стави и честичката од моштите на свети Климент Охридски, како што и налага традицијата. Но, градбата потоа се одвиваше бавно – градежните работи бараа доста пари, иако издвојуваа и државата и народот. Свештеник протоереј-ставрофор Ѓорѓи Кацарски, за ВЕЧЕР вели дека тогашниот архиепископ Гаврил силно се заложи за завршувањето на храмот.
– Силно и кај сите инсистираше на тоа, велеше, зошто се дозволува толкаво доцнење. И тоа се случи по цели осумнаесет години. Се заокружи градбата, се осликаа престолните икони, централниот фрескоживопис и се исполнија условите за осветувањето на 12 август 1990 година. Импресивна сенародна вознес беше тоа. Во олтарот се положи повелба во која пишуваше дека храмот му е посветен на свети Климент Охридски, во присуство на многубројни верници од татковината и од странство… Архиепископ Гаврил потоа ме викна и ми рече дека отец Драги Костадиновски ќе биде старешина на храмот, а јас дека треба да му помагам во финансиските работи – ни раскажува отец Ѓорѓи Кацарски.

Тој додава дека продолжиле со собирањето на донации, дека и свештениците давале цели месечни плати, дека донации имало и од иселениците…
– А народот, верниците, веднаш го почувствуваа новиот храм како свое духовно срце. Почнаа масовно да доаѓаат на литургии и на други обреди. Само во првата недела по осветувањето имавме 45 крштавки на новороденчиња. Имаше и многу венчавки. Доаѓаа верници од сите околни скопски подрачја за да се поврзат со Соборниот храм. Веднаш се виде дека љубовта на верниците кон свети Климент Охридски се преточи и љубовта кон Соборниот храм. Тој има непроценливо значење за сите нас, тој е стожер на нашата Црква – ни вели отец Ѓорѓи Кацарски.
Авторот Брезовски се определи за модерна архитектура
На виделина, пред очите на верниците и на јавноста, тогаш излегле и сите посебности и единствености на големиот храм, најголем во Македонија. Има површина од околу 1.000 квадратни метри, на тој простор може да се соберат околу 6.000 верници, димензијата му е 36 x 36 метри, дека главната црква му е посветена на свети Климент Охридски, долната на Пресвета Богородица, а левата и десната капела на светите цар Константин и царица Елена и на свети Мина. Но, се виде дека објектот е на свој начин различен од дотогашниот византиски стил што со векови се применувал како начин на градба на верски храмови на македонската територија. Архитектот Славко Брезовски, кому му беше доверена задача на направи главен проект, тогаш објасни дека се определил за модерна архитектура.
– Јас, од првиот момент, се определив да одам кон модерна архитектура и кон модерна конструкција, иако ми беше сугерирано дека можеби треба да се потпрам на некои наши традиционални примери од сакралната архитектура. Но, јас не го отфрлив тоа сосема. Ми беше хендикеп што во тоа време не можев да се потпрам на ниту еден пример на нови православни црквени објекти градени во нас. Од првиот момент сакав да одам во поголема творечка слобода – изјавуваше подоцна архитектот Брезовски.
Таа авторска слобода потоа предизвика и одредени проблеми во односот со црковната традиција. Прозорците во централната купола за црковните стандарди беа преголеми и овозможуваа силно сончево влијание и опасност од бледнеењето на фрескоживописот, ликовите на пророците мораа да бидат насликани во седечка положба наспроти дотогашните правила да бидат во стоечка, имаше црковни забелешки како изгледаат страничните кубиња, како изгледал централниот крст на покривот на куполата, дека е потребно покривот да биде покриен со бакар, а не со керамички плочки и што се сè мораше да се менува. Со тоа, изгледот на храмот е донекаде поинаков отколку што беше изворно замислен.
– Се сеќавам, тогаш од архитектот Брезовски побараме да се сменат и да се намалат големите прозорци, но тој не дозволи, беше категоричен. Дури се закани и со тужба. Не попушти ни по средбата со архиепископот. Така, големите прозорци останаа, но подоцна се ставија затемнети стакла со што се намали сончевото влијание, ни раскажува еден сведок на настаните.
Верниците се сведоци дека и во изминативе децении внатрешноста од храмот долги години стоеше нецелосно осликана со фреските. Белите ѕидови се осликуваа како што се обезбедуваа средствата. Храмот и сега е нецелосно осликан, но на тоа веќе се работи.
Сонував за вакво нешто целиот мој живот

Фрескосликарот Дарко Вучиќ деновиве го затекнавме во храмот како живописува последни слободни површини. Додека го живописува ликот на свети Нектариј Егински на еден од десните столбови по влезот во храмот, тој за весникот ВЕЧЕР вели дека тоа е непроценливо чувство.
– Чувството не може да се опише. Сонував за вакво нешто целиот мој живот, по завршувањето на Ликовната академија и годините во кои како чирак учев како се исцртува еден фрескоживопис. За еден уметник нема поголема чест отколку да биде вграден во еден храм што ќе трае со векови – вели овој фрескосликар додавајќи дека го чека уште осликувањето на ликовите на света Марија Египетска, свети Алексеј и просторот над самиот влез на балконот.
А додека сè уште траат работите на завршувањето на храмот, верниците постојано доаѓаат за да се помолат, да му се обратат на Господ и на светителите барајќи утеха за проблемите што ги имаат, но и упатуваат благодарност за добрата што им се случуваат.
Тука беше првата причест на моите внуци
Верничката Даниела Хаџи Јаневска-Гиевска, која ја затекнавме во храмот, ни вели дека Соборниот храм во Скопје е нејзина омилена црква.
– Не ми е најблиската црква до мојот дом, но таму се чувствувам најубаво. Има посебно убава енергија. Сите свештеници се многу добри луѓе, кои ни посветуваат внимание, ни даваат одговори на сите наши прашања и нè утешуваат кога сме тажни. Со особена радост ќе кажам дека првата причест на моите внуци беше во Соборниот храм. Мојот духовен отец е свештеник во Соборниот храм и токму тој ми е најголемата поддршка за сè, но и учител. Храмот е место каде што се среќаваме со луѓе што и не ги среќаваме толку често на други места. Особено сум среќна и радосна што е жив и секогаш полн со верници – ни рече таа.
Така е секој ден. Соборниот храм и верниците станаа едно во кое се случува секојдневно проникнување. Храмот е и местото во кое се објави признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ пред три години, место во кое се чуваат моштите на светителите… Тоа е само уште нова потврда дека градот Скопје и Македонија го добија својот најзначаен духовен дом, а верниците дом во кој ја чувствуваат благодатта на Господ.
ЕМА ПЕТРОВА НИКОЛОВСКА

Ликот на Пантократорот со татко ми деноноќно го сликавме
Централниот лик во храмот на Исус Христос – Пантократор живописан во централната купола е дело на, сега починатиот, Јован Петров, а чија ќерка Ема Петрова Николовска за весникот ВЕЧЕР раскажува како му помагала во осликувањето.
– Речиси деноноќно работевме на тој и на другите ликови. Дома одевме само колку да преспиеме, а од раните утрински часови веќе бевме во храмот, качени на скелиња високи педесетина метри за да може да сликаме. Татко ми, школуван во Словенија и во други земји, тогаш беше реставратор во Републичкиот завод за заштита на споменици и ја доби довербата да ја ослика куполата. Предизвикот беше голем – ликот на Пантократорот требаше да се направи на површина од 72 квадратни метри. Никаде дотогаш немаше такво нешто. Направи добри подготовки, скици со јаглен и молив во размер 1:1000, кои потоа ги пренесе на ѕидот на куполата. Најважно му беше да се маркира просторот, а тоа го направивме со концентрични кругови. И почнавме. Нанесувавме свеж малтер, дневно на околу пет квадратни метри, и тој веднаш сликаше. Токму онака како што бара техниката на фрескосликарството. Првиот ден, се сеќавам, го насликавме само лицето, раскажува за весникот ВЕЧЕР, Ема Петрова-Николовска.
Во тој период, пред осветувањето на храмот, таа била апсолвент на Ликовна академија и претходно многу му помагала на татко си во работа на други цркви.
–Тој, нормално, ги влечеше главните потези. Јас потсликував во помалку важни детали како одежди и слично. Се сеќавам, работевме во стоечка, лежечка и секаква положба. Некогаш беше како во вршник. А татко ми беше упорен. Беше перфекционист, одличен акварелист со непогрешливи потези. При сликањето на главниот лик, но и на сите други мотиви, тој никогаш не згреши, не дојде во ситуација да направи погрешен потег и да мора да премачкува и да почнува одново. Ликовите на пророците мораше да бидат во седечка положба оти начинот на кој е проектирана куполата го бараше тоа. Беше задоволен со делото, а македонскиот народ доби лик на Исус Христос кој е оригинално авторско дело, каков што нема никаде на друго и место и во кој е преточено сето негово знаење, искуство и дарба – ни рече Ема Петрова-Николовска, која сега е реставратор во Национален конзерваторски центар.












