| ГРИГОР ПРЛИЧЕВ СЕ ОДУШЕВУВАЛ ОД ГОЛЕМОТО ДЕЛО НА СВЕТИТЕЛОТ |
Пишува: Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ

„Ох, колку сум радосен оти катагодина со срце го празнуваме свети Климента! Оти и во радости и во жалби, во устите ваши звучи името на св. Климент и пак св. Климент!“ Вака зборувал Григор Прличев во едно слово за свети Климента, кажувано во Охрид. Впрочем, Г. Прличев секогаш зборувал за св. Климента со емоции и со почит. Се одушевувал од неговото големо дело, искажувал благодарност за она што го направил тој за Охрид и за Македонија. Неговите заслугите ги гледал, главно, од два аспекти: заслуги за верата и заслуги за образованието.
Прличев во многу нешто гледал во свети Климента свој учител. Го инспирирале посветеноста кон верата, нејзиното ширење, одбраната од неверниците. Тоа му влевало сила да истрае во својата борба за образование на народен јазик, зашто веќе бил трасиран патот од големиот учител. Во својата школа наречена уште и Светиклиментов универзитет и Охридска книжевна школа, св. Климент произвел над 3.500 ученици, кои им се посветиле на верата и на образованието. Со право Прличев го израмнува свети Климента со славните Господови апостоли, зашто тој покрстил и оспособил свештеници колку и апостолите, ако не и повеќе, кои ги ширеле верата и образованието, и тоа не само во Охрид и Македонија туку и многу пошироко. „Свети Климент сесветски учител како да не беше од земјава, како да беше пратен од небо за да го прогласи словото Божје. Свети Климент којшто со трубата своја ја огласи земјата, го утврди царството Божје и го запрета ѓаволот во најдлабоките места на геената (пеколот). Свети Климент столб и дирек на православната црква. Свети Климент – несравнено богомудар и плодовит чудотворец. Свети Климент – светлозрачно сонце за Словените. Свети Климент – бесмртно блажен, којшто го покри небото со својата слава. Свети Климент којшто на небо е рамен со дванаесетте свети апостоли. Свети Климент којшто стои надесно од Исуса Христа, којшто преку него најјасно докажува дека словото е Бог, и пак и пак да кажеме дека словото е Бог.“(Григор С. Прличев, „Одбрани страници“, приредил Тодор Димитровски, Скопје 1959)
Во друго слово кажувано по истиот повод, а останато во неговата оставина, Прличев со восхит вели: „Ете пак настана благословениот празник (Свети Климент) којшто го почитуваат и празнуваат повеќе од сто милиони Славјани. Зошто – прашува Прличев – цел народ толку голем како што е словенскиот народ да честит и да величат едного человека којто и тој како нас е роден од смртни родители, и тој како нас е мршја и крв и тој както и ние подчинен под страсти? Зачтото вси го честјат и славјат? Заради делата му – вели Прличев. – Заради благочестието му, заради страхот Господен, заради грижата что имаше не само за стадото си туку и за просвештение на всите Славјани. Заради великите му деноношни трудове, зачтото здравието си и спокојствието си не ги считаше ничто за доброто на народот, зачтото стори жертва себеси за доброто на Славјаните. Тој се грижеше за стадото си како татко за чјадата си. Тој не оставаше да влезат во стадото му в’лци пропагандисти да го мамјат стадото да си трати верата и народноста. Ете зачто се честит и се славит. Вечен закон е чтото честното да се честит, а лошото да се мразит.“
Прличев секогаш со конкретни примери ги поткрепува своите тези. Ги спротивставува доброто и злото. Вели, кога царот ќе влезе во бавчата заедно со придружбата, „ако сам протегвит р’ка да скинит едно јаболко, тога чјухадарите ќе скинат по десет и бавчата е сосипана. Ако царот се воздржит, тога и чјухадарите ке се воздржат и бахчата е спасена, а народот е принуден даже и должен да прослави доброто както и злото чтоби сја сторило от това поведение, и да похвали или да погади првото лице което сја стори причина за доброто или на злото.“
Во таа смисла, Прличев споменува и еден момент од животот на Александар Велики. „Великиј Александар Македонец – вели Прличев – к’то водеше еднаж војската си низ едно пусто и безводно место, и всите гореха од жедост, един селјанин му донесе вода колко за него, а тој к’то помисли оти војската му трпит, не посмеја да се напиет, но ја истури водата за да трпит и тој как что трпеха вси, и војската беше принудена даже и д’лжна да прослави това добро дело, и за това во битките проливаше крвта си за него без да се обзира назад. Така исто и пастирот когато е добар.“ Споредувајќи го добриот пастир со царевите, Прличев заклучува: „Пастир доб’р не је подолен од царевете по важността на делата си. Един пастир доб’р може да стори поике добро, недели си једин цар, както доказва Ламартин. А когато пастирот је зол, тогава за стадото нема спасение. Как може да биде чиста водата, когато изворот је нечист. Ето зачто всек’де почитат и славјат Св. Климента.“ Добрите и благородни души, кои се ретки на земјата, треба да ги славиме за да се множат и други како нив. А лошите, кои се повеќе во светот, треба да ги презираме за да не се множат, зашто „тие просто тежат на земјата“. Тие луѓе ако не сториле зло, не сториле ни добро, иако можеле да го сторат. Во името на св. Климента, вели Прличев, да ги поканиме нашите браќа што до денес ни беа противници, да помислат со кого е правдата „оти ние не се трудиме за интересите свои, туку се трудиме за народот и за народна црква…“ Во името на свети Климента, кој се трудел за народот и за народната црква, ве убедувам да се чувате од разните пропаганди, латински, протестантски, грчки…
Прличев, кој цел живот водел борба со грчката пропаганда во Охрид и во Македонија и кој претрпел многу страдања од владиката Мелетија, но и од однародените охриѓани, кои постојано го клеветеле пред османлиските власти, вели: „Зашто денеска се разбудивме да си бараме татковина и народна црква, а Грците много добро знајат оти кога ќе добиеме народна црква, тогава ќе отлетаме веќе од р’цете им и не ќе можат веќе да ни кубат како что ни кубиле.“ Прличев предупредува дека разните пропагандисти нудат и дарови, но дека треба да се биде внимателен кон нив, зашто никој не дава со пријателско и искрено срце, туку со скриени мисли, како што птицеловецот ѝ фрла неколку зрна на птицата за да ја улови и потоа со неа да прави што сака. „И така блажениј Св. Климент когото празнувами и којто од небо призират на нас да б’де помоштник нам като ни видит во правијат п’т като ни видит оти се трудиме за народно добро, като что се трудеше и сам тој и оти на в’лците не им даваме да влезат во трлото, като что не им даваше и сам тој, и така да б’де молител пред Бога за успех на трудовете наши, и за спасение на душите наши. Амин! (Стојан Ристески, Григор Прличев (нови страници), Охрид, 1989)
Прличев е на страната на оние што го подржувале народното дело, што ги подржувале народните трибуни, оние апсени, затворани, оние што во пранги биле носени во дебарскиот затвор. „Ете што значи да гине човек за народот свој да остави име по смртта, зашто смртта негова не е смрт, но е и воскресение.“ (Григор Прличев, „Водач ме праќа татковината“, избор, поговор и коментари Наум Целакоски, Охрид, 1993)
Како голем оратор, Прличев зборува за св. Климента многу инспиративно. За Прличев, св. Климент бил бессоно неуморен списател, потоа „необорив проповедник на светата Христова вера“, „пречесен крстител на безбројни души, и необично чудесен светец кој го распрсна мракот на идолопоклонството.“ Прличев често нагласува дека пред да дојде Климент во Охрид, во овој град и во овој крај владеел мракот на идолопоклонството, на суеверието, но тој со својата работа на полето на верата и уште повеќе на образованието, го растурил мракот и го довел сонцето. „Пред девет века, во Охрид беше страшен мрак. Дојде св. Климент. Со книги почна да просветува и в час мракот го снема и стана светло.“ Но, вели Прличев, потоа Грците не покорија, не принудија да учиме на грчки. „В час светлината ја снема и мракот пак поплави и зацари. Каков мрак! Прст пред око не се гледаше.“ Во времето на Григор Прличев се водела жестока борба против грцизмот, против грчкиот јазик во школите и во црквите. Во таа борба се дадени многу жртви, многу страдања, многу пари, повеќемина, меѓу кои и Григор, биле пратени во злогласниот затвор во Дебар, но најпосле борбата резултирала со победа, туѓиот грчки јазик бил заменет со разбирливиот народен јазик. И за победата во таа борба Прличев смета дека е заслужен св. Климент. „Најпосле со помошта на Бога и на св. Климента се разбудивте, го испадивте туѓиот јазик и им заповедавте на своите деца да учат на мајчин јазик. Тоа чудо како стана? Вие сами знаете, тоа стана со страшни жртви и арџои, со маки, таги и страдања, со жал, солзи и плачои, со апсани, пранги и инститации. За доброто на народот, богати куќи осиромашија. Сето тоа зошто стана? Тоа стана за љубовта кон свети Климент и на неговите книги. Сега кажете, мили браќа мои, вашето ли учење на туѓ јазик беше подобро или учењето на чедата ваши на мајчин јазик е подобро. Прашањето е важно и потребен е одговор. Простете ми, но да ви кажам дека ние бевме папагали, а чедата наши станаа славеи. Како да прогледавме малку со едно око, а ако имаме љубов и согласие, нашите очи ќе гледаат како очи соколови. Можевме ли ние да го направиме тоа чудо? Не. Кој го направи? Го направи св. Климент. Кажете нека е вечен споменот на праведникот со пофалби. Какви венци прилегаат за св. Климент, со кои пофални песни можеме да го славиме св. Климент? Кој јазик може да ги искаже великите трудови на св. Климент?“
Никој, вели Прличев, не може да го пофали достојно и како што му прилега. „Чудата на св. Климент се дело, а зборовите наши се сенка. Чудата на св. Климент се прераскажуваат, се гледаат и се пипаат, а зборивте наши ветер ги вее.. (…) Неоти св. Климент има потреба од нашите пофалби, неоти може некој достојно да го пофали, но должни сме да го пофалиме, како што можеме и колку што допушта времето и местото. Добрината треба да ја слават и наведнатите старци и младенчињата што цицаат. (…) Кога се слави името на светиите, тогаш се слави името на самиот Бог, тогаш и чесната добрина се зацврстува, а лошотијата ја губи својата држава.“
Кога по клеветите на владиката Мелетија го апселе, Григор побарал дозвола да ја утеши мајка си, која лежела болна. Притоа ѝ рекол: „Мајко, не бој се. Тако ми св. Климента, за малку време ќе се видиме. Никому зло не сум сторил. Чисто небо од светкавици не се бои. Тоа се владикови клевети што Бог ќе ги распрсне како дим. Бог и со здравице ќе ми те дари. Не ти велам збогум, ами до видување.“
Св. Климент бил присутен и во благословите и во молитвите. Кога бил во затворот, Прличев бил посетен од еден свој пријател, кој му донесол храна и пијалаци во изобилство. Притоа му рекол на Григора: „Знаеш ли дека машко и женско трча кон Светиклиментовиот храм? Знаеш ли колку свеќи горат пред св. Климента за вашето спасение?“ Потоа Григор му ја подал стакленицата на еден постар затвореник, замолувајќи го да благослови зашто „Бог ја слуша молитвата на страдалниците.“ Старецот помолитвил: „Св. Климент златен да му плати секому според работите (амин), да не крепит во верата (амин) да и извишит куќите на милостивите граждани што не најале и напоиле (амин) да и множит и славит (амин) да и чуват и вардит од зло нивните чеда, внуци и превнуци (амин).“ Земајќи ја стакленицата, Григор додал: „Св. Климент да и поднесит молитвите на старецот пред Божјиот престол (амин).“
Кога ги воделе од Охрид за дебарскиот затвор, меѓу мноштвото народ што се собрал да го испрати била и мајка му, која го повикала и целивајќи го, му рекла: „Биди ми јунак, ако ли не јас ќе умрам од тага. (…) Не бој се. Пред св. Климента горат безброрјни кандила. Ако ми се уплашиш, арам да ти е моето млеко.“
Во затворот во Дебар, еден пријател што го посетил му рекол: „Нема да страдате за многу. Тако ми св. Климента, ќе се спасите“. На што Григор одговорил: „Да му ја имам милоста. И на соне ми се јави он.“
По ослободувањето од дебарскиот затвор, на 15 јануари 1869 година (стар стил), следниот ден сите тргнале за Охрид и на 18 стигнале во своите домови. „На 18 празник на св. Атанасија, домашниот наш патрон, стигнавме во Охрид весели и здрави, освен брат ми и внук ми што беа болни. Гледаш, мајко, св. Атанас и св. Климент не доведоа живи“, рекол Прличев. А кога била поставена трпезата, не биле заборавени и светците. „Но пред да седнеме, се прибравме пред иконата, се клањавме и плачевме славешти го Бога и светиите негови, св. Климента и св. Атанаса, кому и паметта ја славевме.“
Еден современик на Григор Прличев, Симеон Радев, роден во Ресен, на времето ученик во Охрид, во своите рани спомени запишал едно доживување што му оставило впечаток кога се нашол во црквата во која служел владиката Григориј, а меѓу народот бил и Гр. Прличев. С. Радев тогаш не го познавал Прличев, иако за него имал многу читано и слушано. Владиката седел на својот стол и за момент пеењето престанало. Во тоа време се слушнал глас од народот: „Знаеш ли на кој стол си седнал?“ Му оставил впечаток еден старец, ситен по раст, сув, со брада, зборувал со остар поглед упатен кон владиката. Кажал нешто и завршил со зборовите: „Здраво држи ја патерицата на св. Климента“. Подоцна Симеон го прашал брата си Владимира, кој тогаш бил учител во Охрид и присуствувал на службата: „Кој беше тој човек што му зборуваше на владиката?“ –„Прличев“. – „Ами зошто така остро?“ – „Тој секогаш е остар“, рекол брат му. Од голема почит кон св. Климента, Прличев не дозволувал некој во црквата, па било тоа да е и владиката, да се однесува неодговорно, затоа го потсетувал да води сметка на чиј стол седи и цврсто да ја држи патерицата.
Во Охрид, вели С. Радев, минатото се пренесува во усната традиција од поколение на поколение. Историското минато во Охрид живее во срцата. Св. Климент тука е како едно присутно лице, секојдневен покровител. Жените се колнат во неговото име како што се колнат во своите чеда: „Жими св. Климент“. Ова постојано се слуша од нивните усти. При секоја опасност или несреќа, молитвите се упатени кон св. Климента.
Секогаш кога ќе се надвиснела опасност над нашиот народ, свети Климент бил повикуван за спасител. Ете зошто името на св. Климента секогаш било во устата на нашиот човек, ете зошто се раскажувале толку преданија и легенди за него, ете зошто има толку топоними, свети места, свети води поврзани со неговото име, ете зошто се пренесувале тие спомени од колено на колено цел еден милениум. Ете зошто тој „само нам ни е толку близок“ и ние, како народ, се идентификуваме со неговиот лик. Ете зошто, како што вели Блаже Конески, свети Климент Охридски „спаѓа во редот на оние малубројни фигури околу кои се случува самата кристализација на нашата национална свест.“












