Свети Кирил и Методиј – ден на словенската писменост и култура

45

На 24 мај, низ Македонија и повеќе словенски земји, свечено се одбележува празникот на Светите браќа Кирил и Методиј – првите словенски просветители и основоположници на писменоста кај Словените. Овој значаен ден се слави како Ден на словенската писменост и култура, не само во Македонија, туку и во Русија, Украина, Бугарија, Словачка, Чешка и други земји со словенска традиција. Солунските браќа Кирил и Методиј се сметаат за „рамноапостолни“ светители, бидејќи нивното дело е изедначено со мисијата на апостолите, особено во ширењето на христијанството и писменоста меѓу словенските народи. Во втората половина на 9 век, тие ја создадоа првата словенска азбука – глаголицата, составена од 38 букви, и преведоа голем број богослужбени книги од грчки на словенски. Нивната мисија започна по повикот на моравскиот кнез Ростислав, кој ги повика да ја донесат христијанската вера на словенски јазик во неговата земја. Подоцна, од Моравија заминале за Рим, каде Кирил починал во 869 година. Методиј ја продолжил мисијата, а делото на браќата го продолжиле нивните ученици, меѓу кои најпознати се Свети Климент и Свети Наум. Иако првично се славеле одделно, денес Светите Кирил и Методиј се чествуваат заедно, како симбол на обединетата мисија во ширењето на верата, писменоста и културата кај Словените. Одбележувањето на 24 мај како заеднички ден започнало во 1863 година, во чест на илјадагодишнината од Моравската мисија, а датумот бил избран заради практични причини, бидејќи 6 април – денот на смртта на Методиј – често се паѓа во време на велигденскиот пост кога е ограничено свечено чествување. Денес, ширум земјата се организираат литургии, културни манифестации, изложби и свечени академии во чест на делото на светите браќа, кое и денес останува темел на македонската писменост и идентитет.

ИЗДВОЕНИ