Сведоци на новогодишната ноќ во швајцарски скијачки центар која се претвори во пекол: „Гледав луѓе како горат“

1669
EPA/ALESSANDRO DELLA VALLE

Новогодишната ноќ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана се претвори во вистинска трагедија кога пожар во популарниот бар „Ле Констелашн“ во раните утрински часови, околу 01:30 часот по локално време, ја претвори прославата во ноќ на ужас. Полицијата соопшти дека околу 40 лица загинале, а повеќе од 115 биле повредени, повеќето од нив со сериозни изгореници.

Еден сведок, 18-годишник кој побарал да не биде именуван, раскажал за Би-Би-Си како се обидувал да спасува луѓе.

„Мислев дека мојот помал брат е внатре, па отидов и се обидов да го скршам прозорецот за да им помогнам на луѓето да излезат, а потоа влегов внатре.“

„Видов луѓе како горат… Најдов луѓе како горат од глава до пети, без облека. Беше ужасно шокантно“, ги опиша младиот човек сцените на трагедијата.

Сепак неговиот брат не бил повреден во пожарот.

„Одам во тој бар цела недела навечер – единствениот ден кога не отидов, изгоре“, рече тој за Би-Би-СИ.

Според сведоците, пожарникарите и болничарите брзо ја презедоа контролата, но младиот човек продолжи да помага каде што може, носејќи вода и облека на повредените.

Дваесетгодишните Французинки, Ема и Албан, кои исто така биле внатре, изјавија за BFMTV дека пожарот започнал кога келнерката ставила роденденски свеќи на шишиња шампањ.

„За неколку секунди, целиот таван гореше. Се беше од дрво, а пламенот се прошири брзо,“ рекоа девојките.

Според нив, евакуацијата била исклучително тешка.

„Имало околу 200 луѓе кои се обидувале да излезат за 30 секунди преку многу тесни скали“, додадоа тие.

Друг тинејџер опишал како морал да се скрие од „запален ѕид“ пред да успее да избега, кршејќи прозорец за да излезе жив.

Службите за итни случаи веднаш реагирале, а одделот за интензивна нега во најблиската болница брзо се наполнил. Некои пациенти биле префрлени во други градови во Швајцарија, додека други биле испратени во Милано на лекување.

Меѓу оние кои ја слушнале трагедијата бил и Олех Паска, кој престојувал во Кран-Монтана со сопругата и детето.

„Тукушто ја прославивме Нова Година во хотел, на околу 50 метри од барот, кога слушнавме серија експлозии за кои првично мислевме дека се петарди. Дури кога пристигнаа службите за итни случаи и разни сирени, сфативме дека се случило нешто страшно.“

Градот Кран-Монтана беше невообичаено тивок во четврток, а атмосфера на шок и тага се надвиснуваше над местото. Италијанскиот амбасадор во Швајцарија рече дека може да потрае со недели за да се идентификуваат сите жртви, додека италијанскиот министер за надворешни работи рече дека ќе биде тешко поради сериозноста на повредите.

Пријателите и семејствата со нетрпение чекаат вести за своите најблиски. Еден Италијанец изјави за Раи њуз дека неговиот пријател бил „изгорен од глава до пети“, додека друг бил префрлен со хеликоптер во Цирих.

ИЗДВОЕНИ