В среда, во 19:00 часот, свечено ќе биде отворена новата зграда на Општина Карпош. Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, информира дека по завршувањето на приклучоците од страна на ЕВН КЕЦ – Ѓорче Петров, новата зграда на Општина Карпош, конечно, е осветлена.
– Во тек е и финалното поврзување на телекомуникациските и на интернет-системите, со што ќе се заокружи процесот на комплетна функционалност на објектот – истакна Јакимовски.
Тој додаде дека овој модерен и енергетски ефикасен објект, кој се простира на површина од 4.500 квадратни метри, претставува едно од најзначајните вложувања во локалната самоуправа, изграден за граѓаните на Карпош и во согласност со нивниот однос кон својата општина.
– Со современ ентериер, кабинети и со комплетно функционален приземен дел, новата зграда е изградена во согласност со потребите на локалната самоуправа и на граѓаните. Со овој капитален проект, Општина Карпош ја потврдува својата определба за создавање современи, функционални и енергетски ефикасни јавни објекти, во кои граѓаните ќе може да ги остваруваат своите права и услуги во услови достојни за еден европски град – се вели во соопштението на локалната самоуправа.
Во новоизградената општинска зграда веќе се преселени дел од администрацијата и од канцеларијата на градоначалникот, кои досега беа сместени во првата барака.
Деновиве, постепено се врши преселба на канцелариите и на вработените од втората барака во новиот објект.
Новата зграда на Карпош почна да се гради во 2012 година, а целиот проект, како што беше првично кажано, требаше да чини помалку од три милиони евра, но низ годините, инвестицијата значително порасна, особено затоа што изградбата предолго траеше.
Во изминатите три години, во неа беа вложени повеќе од половина милион евра, а изградбата се одвивала, како што ни одговорија неодамна од Општината, во согласност со средствата што се одвојувале за нејзино завршување.
(А. П.)