- Меѓународeн салон за стрип „Велес 2025“, најзначајна стрип-манифестација кај нас, на 20 август ќе го има своето свечено отворање.
На отворањето ќе се доделат награди, дипломи и признанија за годинашниот меѓународен стрип-конкурс, ќе се отвори изложбата од избрани дела по истиот конкурс, а ќе се претстават и стрипови по повод 15 години од издавањето на балканскиот стрип серијал „Вековници“. Промотер ќе биде Марко Стојановиќ од Лесковац, Србија.
Како што информираа претходно од Стрип-центарот на Македонија, годинава, на традиционалниот стрип-конкурс се пријавиле рекордни 396 автор од цел свет, од кои 164 од нашата земја.
Според Томе Трајков, програмски координатор на Стрип-центарот на Македонија, надминувањето на ланската рекордна цифра се должи на континуираната активност како во нашата земја, така и надвор од неа.
– Освен докажани стрип-мајстори, многу радува откривањето на нови стрип-имиња од македонската стрип-сцена коишто заслужуваат поголема афирмација и внимание. Тоа е, секако, одраз и на соработката со училиштата ширум државата, вклучено и ликовните педагози, но и со специјализирани едукативни студија. Скопје како метропола е солидно застапен, но деметрополизацијата во дејствувањето на СЦМ исто така ги дава своите резултати. Што се однесува до меѓународните контакти, добра основа претставува и постојаната соработка со стрип-сцената од поранешните југословенски републики, но секако и комуникацијата со автори од Западен Балкан и други континенти, вели тој.
Меѓународниот стрип-конкурс, како и Меѓународната стрип-колонија се два дела од Меѓународниот стрип-салон „Велес 2025“. Како посебни, но секако поврзани проекти се финансирани од страна на Министерството за култура и туризам на Македонија, како и на општината Велес.