„Три Марии“, романот-басма на писателката Оливера Ќорвезироска, е годинашниот добитник на наградата Рациново признание, што ја доделува општината Велес во рамките на манифестацијата „Рацинови средби“. Свеченото врачување на наградата ќе се одржи на 12 јуни на отворањето на 62. издание на Рациновите средби во Велес.
Романот содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов, своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него…
„Три Марии“ е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година, и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, и присуството токму на тој роман на полиците во станот. Уште една референца и посвета на Славко Јаневски е дизајнот на корицата на книгата, каде што е употребен детал од неговата слика „Бош“. Поднасловот роман-басма, во извесна смисла го „оправдува“ присуството на многу фолклористички обичаи, верувања и суеверија, црни судбини, фатуми и карасевди во романот. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиов микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла… како и свадбарско „мавиле“ од велешкиот крај.
„Се движев меѓу редовите неприсилено, водена со некоја магија, со цврста, а левтерна рака. Некои парчиња начисто ме одушевија со суптилниот опис на душевната состојба“ – напиша Оливера Николова за романот „Три Марии“.
Инаку, третиот роман за возрасни на Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“, излезе од печат во март годинава во издание на „Арс Ламина“, а беше промовиран на отворањето на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“. Ќорвезироска (1965, Куманово) е повеќекратен добитник на значајни награди за расказ во Македонија, а за „(С)плетени раскази“ во 2003 ја има добиено наградата за најдобра проза на ДПМ „Стале Попов“. Авторка е и на романи за деца, книги со критика и есеистика, раскази за возрасни. Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на повеќе јазици. Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.