Под слоганот „120 години столб на балканската историја, сегашност и иднина“, в петок, со свечена академија во Македонскиот народен театар, ќе биде одбележан значајниот јубилеј – 120 години од националниот Ден на Власите.
Свечената академија ќе се одржи со почеток во 18 часот, а се очекува присуство на високи државни претставници, претставници на дипломатскиот кор, културни институции, членови на влашката заедница, како и граѓани од целата земја. Настанот е во организација на Министерството за односи меѓу заедниците во соработка со влашките здруженија, културни институции и јавни организации.
Предвидени се говори од претставници на Владата и влашките здруженија, изведби на химната на Македонија и „Ода на радоста“, настап на хор со влашка песна, проекција на триминутно видео посветено на историјата и иднината на влашкиот идентитет, како и музички настапи од естрадни уметници.
Со овој настан, организаторите имаат за цел да ја потсетат јавноста на суштинскиот придонес на влашката заедница во историјата и културниот развој на државата. Преку генерации, Власите се вградени во темелите на македонската држава и општество, со значајни фигури како: Питу Гули, Браќата Манаки, Рајко Жинзифов, Михајло Пупин, како и современи културни амбасадори како Калиопи и Тоше Проески. Оваа манифестација претставува можност да се прослави истрајноста, идентитетот и културното богатство на влашкиот народ, кој преку генерации оставал длабок печат во општествениот развој на Македонија.