Најстариот планинарскиот клуб во Македонија, „Љуботен“ од Тетово, ќе го одбележи јубилејот 100 години постоење со свечена академија, која ќе се одржи утре во 18:00 часот, во големата сала на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.
– Цел еден век, зад нас стојат илјадници чекори, врвови, пријателства и спомени што нè поврзуваат. Сега е време сите заедно да се потсетиме на таа магија и да ја прославиме оваа неверојатна височина – 100 години „Љуботен“. Да се собереме сите што некогаш сме искачиле врв, споделиле патека или само сме ја почувствувале магијата на Шара. Да се потсетиме на нашите почетоци, на луѓето што го создадоа „Љуботен“ и да погледнеме кон иднината, кон новите врвови и нови генерации што ќе го продолжат духот на планинарството – велат од клубот.
Во рамките на свечената академија, поздравни обраќања ќе имаат претседателката на Републиката, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, Зоран Читкушев, и претседателот на ПК „Љуботен“, Јован Божиновски.
Во рамките на програмата е предвидена и премиерна проекција на дел од документарниот филм, прв што ја раскажува вековната приказна на „Љуботен“, ќе бидат прогласени почесни членови, а ќе бидат доделени и плакети за трајни вредности и соработка.
Воедно, ќе следува пријателско дружење со мултимедијална изложба од ретки фотографии и незаборавни моменти од историјата на клубот, како и доделување на највисоки признанија и благодарници, но и награди и признанија за активните членови на клубот, кои ја продолжуваат традицијата.
Влезот е слободен.












