Свадбени куршуми без иницијали, во полошко изрешетиле 8 возила

Тешко се открива кој пука на семејни веселби

67

Покрај песна и ора, семејните веселби особено во западниот дел од земјава се одбележуваат за жал и со пукање од огнено оружје кое неретко причинува материјални штети, ама и човечки животи. Летниот период зачестени се пријавите на пукање на свадби, кои се организираат со враќање на имиграцијата во своите родни краишта. Полицијата од Дебар уапси 28 годишен маж кој од пиштол рафално пукал за време на семејна веселба. Пиштолот му е одземен и против него ќе биде поднесена пријава, велат од МВР. Видеото од пукањето на свадба во дебарско брзо се рашири на социјалните мрежи, а јавноста ги осуди лошите обичаи. Најчесто се пука од пиштол, но не ретко се пука и од автоматско оружје.  За само нешто повеќе од еден месец, според СВР Тетово, од пукање на свадби и други веселби оштетени биле пет автомобили, два куршума завршиле на терасите на станбените објекти, а еден во двор на куќа.

-Од почетокот на јули и овие неколку денови од август во Тетовско и Гостиварски пријавени се осум случаи кога заталкани куршуми оштетиле возила или други објекти, при што пет пријави се за  оштетувања возила, два куршума паднале на тераси од станбени објекти, а еден куршум завршил во двор од куќа. Само во текот на викендот регистрирани се дури три вакви случаи. На улица „Ѓорче Петров“ во Тетово заталкан куршум завршил во хаубата на возило паркирано пред куќа. Жител на селото Пирок пријавил дека од заталкан куршум било оштетено предното ветробранско стакло од неговото возило, а исто така од заталкан куршум оштетено е и ветробранско стакло на возило со странски регистарски таблички кое било паркирано во дворот од куќа. При сите овие инциденти, за среќа нема повредени лица, за разлика од минатата година кога од заталкани куршуми беа повредени две лица, соопштуваат од СВР Тетово.

Во случаите кога се оштетени возила сторителите, ако бидат откриени, ќе се гонат за „Предивикување општа опасност“, додека во останатите случаи против сторителите ќе биде поднесена пријава на за нарушување на јавниот ред и мир, објаснуваат од полицијата.

ИЗДВОЕНИ