– Наместо да го растеш гневот, одгледувај љубов – искрено порачува нашата водителка, писателка и пејачка
Нашата популарна водителка (од тв Алфа), пејачка и писателка, Сузана Турунџиева, откако ја доби битката со болеста, доби и огромна желба за живот, која, впрочем, никогаш и не ја напуштила.
Не сака многу, многу да зборува на таа тема, не дека со тоа треба да ја задоволи професионалната љубопитност на новинарите, туку, едноставно кажано, сака да функционира само со позитивни мисли, да другарува со луѓе што шират позитивни вибрации.Вели дека само опкружена со такви вибрации го сака светот околу себе.
– Многу често се опседнуваме со нашиот физички изглед, со нашата надворешност, не размислувајќи дека е речиси невозможно да ги камуфлираме нашите руинирана емотивна состојба, незадоволство, празнина и духовна сиромаштија – вели Турунџиева.
Таа притоа ги прашува луѓето дали знаат дека кога доживуваме социјално отфрлање, се активираат истите рецептори како и кога доживуваме физичка повреда.
– Исто така, разделбата од некои луѓе, ситуации и периоди умее да предизвика болка идентична на онаа кога ќе скршиме рака или нога. Скршените очекувања најмногу болат. Дотолку болат што се отвораат живи рани. Тие рани оставаат лузни исто како и надворешните повреди, само што се невидливи.
Затоа искрената порака од Сузе до сите нас е: „Не дозволувај да си полн со духовна празнотија. Не дозволувај сам да си отвораш живи рани. Наместо да го растеш гневот, одгледувај љубов. Научи да нурнуваш длабоко во себе, да се доближиш до Бога, кој ќе ти ги ‘залеми’ сите лузни што некој или нешто ти ги предизвикало и ќе те научи да се засакаш и почитуваш себеси. Не е себично, туку е неопходно“.Турунџиева има и уште еден многу важен совет, можеби најважен, за да се извлечете од канџите на лошото расположение:
– Кога ќе се спои звукот на морето со звукот на тишината, резултатот е неверојатен. И, секако, треба да го барате доброто во луѓето, иако тоа е тежок пат. Во ред е да упатиш критика некому, ама ако секојдневно го правиш тоа и го бараш и гледаш само лошото во другиот, тогаш ти не си тој добар човек.