Фолк-ѕвездата – деновиве пред години….„Секоја роденденска и именденска честитка ми е како светлина што го разубавува мојот ден. Се чувствувам благословена што толку многу луѓе со топли зборови, ми го радуваат срцето и ми ја покажуваат љубовта“
На македонската фолк-сцена успешно трае со децении без причина да најави дека би можела да си замине во некоја си пензија. За неа пензија нема, нема мирување и седење со „скрстени раце“. Таква е по природа, хиперактивна, подвижна и дружељубива. Распеана! Ова лето ѝ беше премногу работно (почнувајќи од концертот на „Валандово фолк-фест“), додека рано есенските денови ќе ги стартува со својата ексклузивна програма на претстојните „Охридски трубадури“, со настапот на речиси нејзиниот (бидејќи е уметнички директор) „Лешочкиот фолк-фест“, како и со концертите во рамките на патриотскиот проект „Македонијо во срце те носиме“– Си велам, а да си ги сменам местата на овие две бројки?
16 наместо 61, хахахаааа… Ама, не, сепак вака си е најдобро (единицата малку изгоре па, заличи и на седмица, но има време до 7) а, тортата ќе ја пробам на 28.08… ммммм…
Вака шегобијно напиша Сузана по повод нејзиниот 61. роденден, кој го прослави во кругот на најтесно семејство: со својата ќерка Теона, зетот, мајка, сестрата, внуците и, секако, онаа што најсилно ја љуби, нејзината внука Клара.Сузана вели дека во естрадната кариера поминала низ најразновидните фази на созревањето и во погледот на изборот на песните, но и во погледот на својот надворешен изглед. И ако некогаш беше скандалозно-препознатлива во периките, моторите, рок-имиџот во фолк-музиката, сега сите ја сметаат за дама во вистинската смисла. Во долги елегантни и скапи фустани изгледа како да е слезена од модната писта на Пјер Карден. Песните што сега ги пее се со тежина и се далеку од оние некогашни неколку рефрени што се слушаа едно лето. Сè во свое време. Па, така и сите случувања во животот на Спасовска. А, случувања има колку што сакате. Важно дека со оваа ѕвезда никогаш не е здодевно.
– Секоја роденденска и именденска честитка ми беше како светлина што го разубави мојот ден. Се чувствувам благословена што толку многу луѓе со топли зборови ми го израдуваа срцето и ми ја покажаа љубовта околу мене, раскажува Спасовска. Не е тајна дека зад себе има една неуспешна љубовна врска во која на овој свет ја донесе својата преубава принцеза ќерката Теона, а таа години потоа ѝ ја подари внуката Клара.Најпосле, мора да истакнеме дека Сузана и во својата 61. година изгледа одлично, се држи феноменално во секој поглед. Дури и има младешки лик, без брчки на лицето. За тоа има и свој специфичен рецепт. – Никогаш не сончајте го лицето. Јас преку лето на плажа не одам, сонцето за лицето не е пријател. Во тоа сум убедена. Моето лице е чисто бело и секогаш свежо, открива големата македонска (фолк)пејачка дива Сузана Спасовска за читателите на ВЕЧЕР. (Дуле Миќиќ) фото: архива-ФБ