Во пресрет на „Охрид-фест 2025“…..
Нема кој не ги познава во Македонија, убедени сме дека нема ни таков кој не им ги знае или не ги слуша добро познатите хитови „Џингрлака џикица“, „Туѓино јабано“ или „Кога љуби мома млада“… Сузана Спасовска и Благоја Грујовски со години се две големи естрадни фолк-ѕвезди, кои, како такви, ја надминаа фазата на фестивалски натпреварувања. Тоа го констатира и директорот на „Охрид-фест“, композиторот Григор Копров, кој ги покани на фестивалот. Но, само за во ревијалниот дел, за во шоу-програмата. Како ексклузивни гости на Фолк-вечерта на „Охридски трубадури – Охрид- фест“. Сузана Спасовска и Благоја Грујовски ќе пеат на 29 август, на свечената фестивалска сцена во Долни Сарај.
– Ќе ги слушнеме овие исклучителни интерпретатори и со новите и со старите песни – вели Љупчо Соколовски, уметнички директорот на Фолк-вечерта, која воедно ветува грст нови македонски хитови, музика поради која се сакаат „Охридски трубадури“.
Благоја Грујовски ќе настапи и со песната „Ноќва Охрид не спие“, која победи на минатогодишниот фестивал, а Сузана Спасовска ќе настапи премиерно со фолк-песната „Невеста охридска“.
Самите тие, како пејачи, многу се радуваат за настапот на фестивалот во балканскиот Ерусалим. Спасовска вели дека последниве неколку години со задоволство доаѓа на сцената на „Охридски трубадури“.
– Сè е романтично, обоено со грст емоции на таа волшебна сцена. Додека пејачот си ја пее песната, однекаде од далечина допира гласот на езерските бранови. Подобро од тоа, здравје – објасни фолк-ѕвездата. Истото мислење го дели и Благоја Грујовски, кој истакнува дека секогаш доаѓа на фестивалот, кај газда Копров, од големата почит кон него, публиката и кон медиумите.
Да повториме уште и тоа дека фестивалот ќе ја има својата втора Интернационалната вечер, која ќе се одржи на 30 август, а специјални гости ќе бидат Оливер Мандиќ од Србија и нашиот Сашо Гигов-Гиш. Тие ќе бидат наградени за безвремените хитови. Како гостин доаѓа и балканскиот суперменаџер, Рака Мариќ. Фестивалот ќе го награди за особен менаџерски придонес во популарната забавна и народна музика. Двете фестивалски вечери ќе бидат пренесувани на програмата на телевизија „Алфа“. Фестивалот ќе го следат голем број новинарски екипи од електронските и од пишаните медиуми, и од Македонија и од странство. Со нив традиционално и екипата на ВЕЧЕР. Веќе се акредитирани новинари од: Србија, Босна, Хрватска, Црна Гора, Грција, Албанија, Романија, Словенија, Унгарија, Молдавија, Австрија, Италија, Германија, Полска, Русија, Грузија, Шведска и Швајцарија. Како што велат многумина со право, „Охрид-фест 2025“ ќе биде “Евровизија“ во мини издание. (Д. М.)