Општина Бутел долови уште една успешна приказна, која трае повеќе од три децении и која продолжува да инспирира. Станува збор за наставничката Сузана Младенова, која со работа, љубов и знаење и која оставила длабока трага во образованието и во развојот на многу генерации млади луѓе.
– Во образованието постојат личности што не само што предаваат туку остават и трага, луѓе што го менуваат начинот на кој децата учат, растат и стануваат личности. Таква е и нашата наставничка Сузана Младенова, со повеќе од 35 години посветена работа, инспирација и континуирана професионална надградба – велат од Општината.
Сузана е родена на 19 декември 1965 година, а својата професионална мисија ја започнала во 1990 година, во ОУ „Драга Стојановска“. Од 1993 година е дел од тимот на ОУ „Свети Климент Охридски“. Од првиот чекор во училницата до денес, таа останува доследна на една цел: квалитетно и современо образование за секое дете.
Со богата академска подлога, завршени две високообразовни квалификации, бројни обуки, семинари и меѓународни проекти, Сузана е наставник што никогаш не запира. Таа е дел од генерацијата наставници што го воведе ИКТ во наставата, ги градеше културата на креативно учење, холистичкиот пристап, меѓуетничката интеграција, еколошкото воспитување и работата со деца со посебни образовни потреби.
Како обучувач и едукатор, таа не само што ги менувала генерациите ученици туку и ги обучувала наставниците, кои ја градат иднината на македонското образование. Нејзините ученици со години наназад освојувале признанија како ученици на генерација, награди од натпревари, а многумина станале успешни студенти, спортисти и професионалци, но, пред сè, добри луѓе.
– Горда сум на сите мои ученици, без разлика на нивниот животен пат. Најголемата победа е кога ќе видите дека сте помогнале да израснат во добри луѓе, силни личности и примерни граѓани на нашата татковина – вели наставничката Сузана.
Од Општина Бутел велат дека со гордост ја истакнуваат оваа успешна приказна за посветеност, професионалност и за човечност, приказна што трае и ќе трае.












