„Бурек, на мој начин. Убавина! Со здравје да се јаде“, вака порача, па на сите им се пофали со своите кулинарски специјалитети, популарната фолк-пејачка, Сузана Гавазова. Таа на обожавателите им откри дека освен што е една од првите топ-пејачки на домашната фолк-сцена, таа е и прва „виолина“ во нивната семејна кујна.
Малкумина знаат дека Гавазова обожава да готви. Секогаш кога има слободно време, кога не настапува и кога е доволно одморена, влегува во кујната и прави толку вкусни јадења што нејзиното семејство „прстите ќе си ги излиже“. Готвењето ѝ е задоволство, речиси подеднакво како и пеењето. Така беше и деновиве, на егзотичните Малдиви. Само што домашната кујна во четири ѕида, логично, ја замени со кујната на отворено, на синиот брег на Индискиот Океан. Пејачката ужива да е во улогата на готвачка и кога е со престилка околу вратот. Но и кога е во костимот за капење, како што направи на Малдивите.
Сузана е мајсторка и за вкусните кифлички полнети со сирење кои најмногу ги обожаваат нејзините ќеркички. Сепак, највешта е кога станува збор за домашниот, и тоа оној карактеристичен, босански бурек. Многумина се чудат зошто да биде босански кога Сузана е Македонка?
– Па, тоа е логично, сопругот ми е од Босна. Таму, од неговите, ги научив сите можни тајни за правење бурек, и со месо и со сирење, но и со спанаќ. Нема лутење што бурекот не е македонски, знам и таков да направам, тоа не е проблем. Но овој, босанскиот, со месо, е пред сè, за љубов на мојот сопруг, Јасмин. Впрочем, жива вистина е дека до машкото срце најсигурно се стигнува преку вкусната домашна храна, преку стомакот, убедена е згодната Сузана. Оние што веќе ги вкусиле јадењата од кујната на Гавазова, а тие се во голем број, тврдат дека наскоро би можела да ѝ биде остра конкуренција на многу успешната македонска готвачка, Адријана Алачки, со која исто така, пред многу години беше колешка-пејачка. (Д. М.)












