Иако дијалогот со Европската комисија продолжува, засега нема конкретен исход за правилото 90/180, а рокот за неговата примена се приближува, додека превозниците од Западен Балкан предупредуваат на ризици за мобилноста и стабилноста на транспортните синџири.

 

Транспортерите од Западен Балкан денеска го очекуваа ставот на Европската комисија за проблемите на транспортната индустрија. Но, и по денешниот состанок на техничката комисија, на која беа разгледувани предлози за надминување на проблемот, сепак не е постигнат конкретен договор. Одлучено е комисијата дополнително да се состане онлајн, што го пролонгира процесот, а времето до примена на правилото 90/180 за кабинскиот персонал на патните превозници, кое стапува на сила на 10 април, е сè поблиску.

– Ако постоечкото правило 90/180 остане на сила, од април ќе бидат блокирани 50 отсто од капацитетот, а секој друг возач ќе биде принуден да го паркира возилото – предупредија босанските превозници.

Досегашниот дијалог со Европската комисија за решавање на проблемите на професионалните возачи од Западен Балкан засега нема конкретен исход. Единствено одговорно и оперативно решение за превозниците од регионот, до усвојувањето на трајно решение, е воведување на двонеделен мораториум од 12 месеци на примената на правилото 90/180 за кабинскиот персонал.

– Се приближуваме до точката на раздвојување – дали ќе се донесе одлука или ќе се потврди дека нема политичка волја. Времето на администрацијата е исцрпено, сега е време за одговорност. Ако одговорот биде јасен и позитивен, ќе се знае дека постои политичка волја за заштита на правото на работа на професионалните возачи и стабилноста на синџирите на снабдување. Меѓутоа, ако одговорот биде негативен или нејасен, тогаш веќе не станува збор за недоразбирање, туку за свесна одлука – наведуваат босанските превозници и предупредуваат дека последиците за економиите на земјите од Западен Балкан ќе бидат огромни.

Регионалните влади веќе започнаа комуникација со Европската комисија и усогласиле ставови, но сè уште нема правно утврден одговор ниту оперативно решение за професионалните возачи. Патниот транспорт не е изолиран сектор, туку носечка структура на регионалните и европските синџири на снабдување, затоа што ограничувањето на мобилноста на возачите, без статусно разликување, може да предизвика сериозни последици за целиот сектор.

Во текот на состанокот на техничката комисија, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер, при што особено внимание беше посветено на имплементацијата на системот за влез/излез на ЕУ (EES). Муцунски ја потенцираше важноста на практичните решенија за професионалните возачи и транспортниот сектор, како и потребата од непречено одвивање на трговските текови.

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, изјави дека решение за македонските превозници ќе има и дека проблемот е високо на агендата во Брисел. Првиот официјален дијалог со Европската комисија во рамки на новата визна стратегија ја признава професионалната категорија на превозниците, а се разгледуваат неколку опции за нивно решавање – посебни визи по земји, целосно изземање од правилото по примерот на пилотите и машиновозачите или третман како прекугранични работници.

– Контурите се јасни: со новата визна стратегија, превозниците за прв пат се признати како професионалци. Решението се бара низ дијалог, а примената на ЕЕС системот ќе се одложи до крајот на септември – истакна Николоски.

Вицепремиерот нагласи дека времето е доволно за Македонија да обезбеди решение и дека ова е прашање на бизнис, а не на политика, додека Владата останува посветена на непречено функционирање на домашните транспортни компании.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ