Малите пациенти на Клиниката за детски болести при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје денеска имаа несекојдневно и возбудливо попладне. Во посета им дојдоа Дедо Мраз и суперхероите Бетмен, Спајдермен и Супермен.
Облечени во костими, обучени волонтери од Тимот за спасување на планина, како дел од Тимот за одговор при катастрофи на Црвениот крст на Град Скопје, со помош на јажиња се спуштија од покривот на здравствената установа, предизвикувајќи радост и насмевки кај хоспитализираните деца.
Фото: Ѕ.Плавевски

Настанот беше организиран во рамки на показната вежба „Да подариме насмевка“, која годинава се реализира по осми пат, со цел да им се даде морална и психолошка поддршка на децата за полесно справување со болничките денови.

Суперхероите претпразнично се дружеа со најмладите пациенти, им делеа подароци и им внесоа позитивна енергија во болничките простории.

Вежбата „Хероите на моето детство“ се реализираше во соработка со Министерството за внатрешни работи и Хеликоптерската единица, како дел од активностите на Црвениот крст насочени кон поддршка на најранливите категории граѓани.












