Рудникот „Саса“, во соработка со детската градинка „Бамби“, основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби, во периодот од 22 до 31 октомври 2025 година ја реализираше екокампањата „Супер добри дела“, наменета за најмладите жители на Македонска Каменица.
Преку забавни и едукативни активности, кампањата ги поттикна децата да научат повеќе за рециклирањето, заштитата на животната средина, општествената одговорност и за емпатијата.
Во рамките на активностите, децата од ЈОУДГ „Бамби“, учениците од прво до петто одделение од ООУ „Свети Кирил и Методиј“ и корисниците на Дневниот центар, предводени од своите наставници и асистенти, рециклираа пластични шишиња во вендинг машината во градот, донирана од фондацијата на рудникот „Саса“.
За секое рециклирано шише тие добиваа поени, а средствата од рециклирањето, кои со одлука на менаџментот на фондацијата беа неколкукратно зголемени, ќе му бидат ставени на располагање на Дневниот центар за лица со посебни потреби за набавка на потребните продукти.
Како награда за своето учество, децата добија симболични подароци – екоторби и влезници за едукативната театарска претстава со еколошка порака „Марсовски пикник“, изведена во Домот на културата во Македонска Каменица. Претставата, исполнета со хумор, музика и со интерактивна игра, на креативен начин ги запозна најмладите со темите за рециклирањето и за грижата за планетата Земја.
– Со оваа екокампања сакавме да покажеме дека секое мало добро дело создава голема промена, како за заедницата така и за животната средина. Особено сме среќни што преку игра и забава ги вклучивме децата во процесот на учење за рециклирањето и за солидарноста – изјави Марија Стојановска, раководител на Службата за заштита на животната средина во рудникот „Саса“.
Екокампањата „Супер добри дела“ е дел од низата општествено одговорни активности што ги реализира рудникот „Саса“ во рамките на својата долгорочна стратегија за заштита на животната средина, одржлив развој и поддршка на локалната заедница.












