Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека постои можност за зголемување на сумата на студентскиот оброк поради инфлацијата, но дека тоа би било реализирано следната година.
„Искрено се надевам дека постои таква можност. Се разбира, треба да се направи нивелација на студентскиот оброк со инфлацијата, но зборуваме за следната година. За оваа година, тие побараа проширување на квотата, кое го направивме. Досега за сè што побараа, сме им излегле во пресрет и јас им благодарам, бидејќи тоа го признаваат и го промовираат“, рече Јаневска.
Таа додаде дека спроведувањето на мерката за зголемување на оброкот зависи од состојбата на буџетот, но дека ќе продолжи да ги застапува оправданите барања на студентите.
„Зависи од состојбата на буџетот, но кога сметам дека барањата се оправдани, ќе ги застапувам додека сум министер“, истакна Јаневска.
Министерката денеска во Скопје, заедно со претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, го промовираа прирачникот за вештачка интелигенција во образованието.