„Екосвест“ поведе управен спор против Министерството за животна средина поради пропусти при издавањето дозволи за МХЕ „Баров Дол“ и „Папрад“ на реката Дошница. Организацијата бара право на учество во постапката, додека министерот Хоџа најави построги стандарди за емисиите од индустријата и изградба на регионални центри за управување со отпадот
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ поведе управен спор против Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), обвинувајќи го за незаконско постапување во процесот за издавање дозволи за користење вода за производство на електрична енергија за мали хидроелектрични централи.
Тужбата, поднесена до Управниот суд, се однесува на отфрлање на решение од страна на МЖСПП, по управен приговор на „Екосвест“ за, како што велат, пропусти во постапките за издавање дозволи за МХЕ „Баров Дол“ и „Папрад“, чија изградба е планирана на реката Дошница, во Општина Кавадарци. Од организацијата тврдат дека Министерството не се осврнало на наводите за непочитување на Законот за животната средина и Законот за води, ниту презело конкретни управни дејства.
– Со поведениот управен спор, бараме и утврдување на нашето право да учествуваме како странка во постапката, согласно со Законот за животната средина и Архуската конвенција, имајќи предвид дека реката Дошница е природно богатство и јавно добро – посочуваат од „Екосвест“, нагласувајќи дека учеството на јавноста и пристапот до правда се клучни за заштита на уставно гарантираните права на граѓаните.
Овој случај доаѓа во време кога Министерството за животна средина, предводено од министерот Муамет Хоџа, најавува засилени активности за подобрување на еколошкото управување. На вчерашниот брифинг со новинарите, Хоџа истакна дека Владата системски го менува пристапот кон индустријата, со фокус на намалување на загадувањето на воздухот и унапредување на управувањето со отпадот.
Министерот најави дека од септември 2027 година стапува на сила новиот Закон за контрола на емисиите, со кој ќе се воведат построги стандарди за индустриските капацитети, особено во урбаните средини. Паралелно, се работи и на изградба на регионални центри за управување со отпадот, со цел затворање на дивите депонии и поттикнување на рециклирањето.
Од Министерството нагласуваат дека транспарентноста, институционалната одговорност и соработката со граѓанскиот сектор остануваат клучни принципи во креирањето на политиките за заштита на животната средина.
(С. Бл.)












