Судската администрација во одредени судови се закани дека од утре ќе прекине со работа. Тие се револтирани од последната одлука – парите од судскиот буџет наместо за додатоци на плати за судската администрација, да се трошат за тужби поднесени од судии.
Претседателот на синдикатот УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека незадоволството на судската администрација е од порано поради платите и исплатата на додатоците по плата, но последната одлука на судскиот совет за одлагање на исплатата на јубилејните награди, ја прели чашата.
– Уште во петокот, веднаш по донесување на одлуката, нашите членови се јавија дека се подготвени да прекинат со работа почнувајќи од вторник. Тие сметаат дека е неосновано да се одлеваат средства за исплата на тужби на судии, а истата одлука да не важи за администрацијата. И сега најново, исплата на средства по тужби за спогодби во кои судиите имаат потпишано дека нема да тужат. А најновото е дека во одлуката на судскиот буџетски совет за исплата на јубилејни награди на судии, има одлагање на барање од исплата на јубилејни награди за вработените – вели Деаноски.












