Судот во Кочани одреди притвор за Александар Нацев

318

Мерка притвор во траење од 30 дена му одреди Основниот суд – Кочани на Александар Нацев, реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

До ова дојде откако Основното јавно обвинителство – Кочани ја прошири истрагата за Нацев, чија агенција ја обезбедувала дискотеката „Пулс“ кога се случи трагичниот пожар. Тој беше осомничен дека сторил „тешки дела против општата сигурност“ и дека раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани. Притоа, агенцијата „Рубикон“ немала склучено договор за обезбедување во дискотеката во Кочани.

Александар Нацев е универзитетски професор, а пред десетина години беше и директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Истрагата покажа дека безбедноста во клубот била сериозно занемарена – немало безбедносна проценка, ниту план за обезбедување, а не биле направени проверки за противпожарна заштита. Дополнително, обезбедувањето не го контролирало влезот во локалот и дозволило влез на деца, не водело сметка за преполнетоста, ниту спречило внес и користење на пиротехнички средства, со кои директно бил предизвикан пожарот.

Како резултат на трагедијата, животот го загубија 62 лица, 157 се здобија со тешки телесни повреди, а 54 беа полесно повредени.

По наредба на суд, беа извршени претреси на две локации во Скопје и Пробиштип, како и на возилото на осомничениот. Притоа беше одземена обемна документација и електронски уреди. Лицето е лишено од слобода, а јавниот обвинител ќе достави предлог до судот за определување мерка притвор. (Б.Ѓ.)

Фото: ФБ

ИЗДВОЕНИ