Судот нека ги гледа виновниците во очи, но и пропустите на системот!

Емотивна порака на семејствата на загинатите во „Пулс“

35

Додека траат подготовките за организација на судскиот процес за големата несреќа во кочанската дискотека „Пулс“, семејствата на жртвите во пожарот ги бројат деновите до 19 ноември за кога е закажан стартот. Во емотивната порака што ја објавија на Фејсбук велат дека гневот што им го причинува судењето е оправдан. „Тоа е гнев кон реални виновници: одговорните за безбедноста, за дозволите, за надзорот, гнев кон сопствениците, менаџерите, оние што ја направија дискoтеката место на погубување, оние што со корупција или небрежност дозволија неправда да процвета“, пишуваат родителите во име на правда за 63 изгубени млади животи. Го повикуваат судот преку судењето да изгради споменик на вистината, а не само формална постапка архивирана во судските записници.

На 19 ноември ќе седиме во судницата со тешки срца, но со непресушна волја. Ние нема да дозволиме случајот да биде сведен на бројки и бирократски фрази. Сите детали , технички пропусти, кршења на правила, коруптивни нити , ќе мора да излезат на виделина. Ќе побараме да се откријат сите слоеви на одговорност: од оние кои држеле пеперутки во нивните џебови наместо мерки за безбедност, до оние кои ги криеја доказите или дозволуваа дозволи со поткуп. Нека секој сведок, секој документ, секоја снимка гласно кажат што се случи, и зошто се случи. Нека судот не гледа само виновници во очи, туку и пропустите на системот кој ги дозволил тие виновници да делуваат неказнето, очекуваат семејствата на жртвите во траорната несреќа на 16 март

Семејствата преку писмо се обратиле до основниот Кривичен суд со барање да им бидат достапни снимките од секое рочиште, дознава весникот Вечер, но сепак тоа е спротивно на Законот за кривична постапка. Врховниот суд ја додели надлежноста на скопска единица бидејќи во судот во Кочани нема судии за предметот кој опфаќа 34 обвинети. Сите петмина судии постапувале во истражната постапка што се водеше против обвинетите од Кочани.

Овие луѓе, обвинетите, ги нарекуваме убијци не затоа што сакаме крути, жестоки зборови, туку затоа што тоа е фактот: нивните постапки, нивната невнимателност, нивната ароганција и нивната корупција доведоа до смрт. Многу од нив сè уште не покажуваат ни трага од жал, ни капка вистинска грижа, ни тон на сочувство, пишуваат семејствата од Здружението 16 март.

Кажуваат дека под законот сите се невини додека не се докаже спротивното. Ние тоа го разбираме. Но како да ја зачекаме таа правна формула кога ни се закануваат, кога ни ги плашат, кога ни ги газат сеќавањата? Како да бидеме мирни кога обвинетите не ни се извинуваат, кога институциите што требаше да не заштитат покажуваат пукнатини и празнини? Ние бараме повеќе од формална пресуда, бараме вистина, бараме објаснување, бараме одговорност, нагласуваат од Здружението во статусот преку кој бараат од судот правда.

Бараме тие кои одговараат да бидат обвинети за секој ден од оние 63 младешки животи што беа прекинати, за секој повреден што носи трајни белези, за секоја мајка, татко, сестра, брат што останаа со празни места на масата, со места на секој роденден што нема да се наполни со смеење“, семејствата бараат правда која ќе им донесе барем малку мир. Бараат од судот да ја исполни својата задача, да ја врати вистината и да ја санкционира одговорноста, не само за нивните изгубени деца туки и за идните генерации.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ е закажано за 19 следниот месец во судницата во затворот Идризово. На обвинителна клупа треба да седнат 34-ца, за кои Обвинителството ќе докажува одговорност за делото Тешки дела против општата сигурност, а судењето ќе го води судијката Дијана Груевска-Илиевска.

Трагедијата во Кочани се случи за време на настап на музичката група ДНК, кога искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо.

Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување. Кон оваа постапка најверојатно ќе се приклучи и таа за сопственикот на обезбедувањето, а истрагата за десетината осомничени полицајци сеуште трае во ОЈОГООК. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ