Политичката кариера на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе се соочи со голем предизвик оваа недела кога Европскиот суд на правдата ќе пресуди за тајните пораки што таа ги разменила со директорот на фармацевтска компанија со која Брисел потпиша договор за набавка на вакцини вреден една милијарда евра.
Во пресуда што би можела да го загрози нејзиниот политички углед, Судот на правдата на ЕУ одлучува дали Комисијата ги прекршила правилата за транспарентност со тоа што одбила да ја објави содржината на нејзините комуникации со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурл.
Одлуката, која ќе биде донесена во среда, ќе има далекусежни последици врз начинот на кој врвните функционери на ЕУ работат зад затворени врати и би можела да фрли сенка врз вториот петгодишен мандат на фон дер Лајен како претседател на Комисијата, кој започна на 1 ноември.
Случајот е правно незгоден за Фон дер Лајен бидејќи таа лично го одобри најголемиот договор за вакцини во ЕУ вреден милијарди евра, но исто така претседава со самата институција задолжена за спроведување на законите на ЕУ, вклучително и принципите на транспарентност и одговорност.
„Оваа судска одлука би можела да означи пресвртница за транспарентноста во ЕУ. Кога станува збор за клучни одлуки, особено оние што влијаат на јавното здравје, треба да се избегнува тајност“, рече Шари Хиндс, од невладината организација „Транспаренси интернешнл“.
Случајот го покрена „Њујорк тајмс“, кој ја тужеше Комисијата во 2022 година поради нејзината одлука да не ги објави пораките. Постоењето на пораките беше откриено во интервју за американски весник во април 2021 година, во кое Бурла ја опиша нивната комуникација како градење „длабока доверба“ што ги олесни преговорите за значаен договор за вакцини.
Овој договор беше финализиран во јуни 2021 година и вклучуваше обврска на ЕУ да купи до 1,8 милијарди дози од вакцината против КОВИД-19 на Фајзер, што е убедливо најголемиот од сите договори потпишани од Брисел. Предвидуваше испорака на нарачаните 900 милиони дози до 2023 година, со можност за нарачка на дополнителни 900 милиони.