Судот му одреди смртна казна на Јапонец за четирикратно убиство – избоде две жени до смрт и уби двајца полицајци со ловџиска пушка

29

Суд во Јапонија го осуди Масанори Аоки (34) на смрт за убиство на четири лица во брутален напад што се случи во 2023 година. Аоки уби две жени со нож и двајца полицајци со ловџиска пушка, а судот ги отфрли аргументите на одбраната дека бил ментално неспособен поради шизофренија, објавува „Би-би-си“.

Аоки прво нападнал две жени кои шетале во градот Накано, а потоа застрелал двајца полицајци кои пристигнале на местото на настанот по итен повик. Случајот ја шокираше Јапонија, земја со исклучително строги закони за оружје каде што насилството со оружје е ретко. Нападите врз полицајци се уште поретки, а последниот таков инцидент се случил пред повеќе од 30 години.

Адвокатите на Аоки тврдеа дека доживотна казна затвор би била посоодветна бидејќи неговата шизофренија го оставила со „намален капацитет“ за проценка. Од друга страна, обвинителите, иако се согласија дека Аоки страдал од делузии, инсистираа дека ги извршил убиствата во напад на бес и дека во тоа време бил во состојба да разликува добро од лошо.

Според „Јапан тајмс“, тие забележале дека Аоки покажал „исклучителна суровост и ладнокрвност“. Според извештаите на јапонските медиуми, Аоки носел камуфлажна униформа, капа, очила за сонце и маска во времето на нападот. Се верува дека ги нападнал жените затоа што мислел дека озборуваат за него, иако не е јасно дали ги познавал однапред.

По нападот, тој се забарикадирал во куќата на своите родители во Накано, каде што се криел 12 часа пред да се предаде на полицијата. Неговиот татко, Масамичи Аоки, е градоначалник на Накано. Јапонија има исклучително строги прописи за поседување оружје, при што на цивилите им е дозволено да поседуваат ловџиски пушки и воздушни пушки само откако ќе поминат ригорозни испити и проверки за ментално здравје.

По четирикратното убиство, властите ги заострија законите за да го отежнат поседувањето ловџиски пушки како онаа што ја користеше Аоки. Поради овие строги прописи, ваквите инциденти, како и атентатот врз поранешниот премиер Шинзо Абе, предизвикаа шок и неверица кај јапонската јавност.

ИЗДВОЕНИ