Два трговски брода под турско знаме се судрија во Мраморно Море во близина на Истанбул денеска, при што контактот со еден од бродовите е изгубен, соопшти канцеларијата на гувернерот на Истанбул. Бродот „Алсу“ под турско знаме, кој пловел кон егејското пристаниште Алиага, и бродот „Тугберк Имамоглу“, исто така под турско знаме и на пат кон црноморското пристаниште Карадениз Ерегли, се судрија ноќеска во близина на населбата Силиври во Истанбул, соопшти канцеларијата на гувернерот.
Бродови и хеликоптери на крајбрежната стража беа испратени на местото на настанот за пребарување и спасување, а нема видлива штета на „Алсу“, се вели во соопштението. Сепак, властите не беа во можност да воспостават контакт со бродот „Тугберк Имамоглу“ и неговите 10 членови на екипажот.
Според Трговската и индустриска комора за поморска трговија на Истанбул, бродот „Тугберк Имамоглу“, во сопственост на „Зејбе Денизчилик“, работи како товарен брод, додека „Алсу“, во сопственост на „Озпулатане Дениз Тасимачилиги“, е танкер за хемикалии.
Операцијата за пребарување и спасување е сè уште во тек, се вели во соопштението од канцеларијата на гувернерот.












