Судијата Африм Фидани е новиот претседател на Врховниот суд. Мнозинството членовите на Судскиот совет ја подржаа кандидатурата на Фидани, со 8 гласови „за“ и 5 „против“ со што судијата од кривичниот оддел стана прв меѓу еднаквите во највисокиот суд. Неговата единствена противкандидатка, довчерашната претседателка, судијката Беса Адеми, не ја доби поддршката од Судскиот совет, и очекувано ако се земе предвид „клинчот“ во кој таа беше со дел од членовите. Имено, пред две години, тогашната претседателка Адеми во медиумите предупреди на притисоци од функционери и на опасност и закани од разрешување на врховни судии, по што членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, ѝ поднесе иницијатива за дисциплинска одговорност формално поради недоаѓање на седници, а неформално поради тоа што таа не се согласи да ја врати на сила аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година, чекор со кој би се исчистило криминалното досие на поранешниот премиер Никола Груевски и ќе се овозможеше негово враќање во државата.
Денешната дискусијата помеѓу членовите на Судскиот совет при изборот беше дека поранешната претседателка Беса Адеми затаила во својата работа, додека, за судијата Африм Фидани посочија дека не сметаат дека е истакнат судија, но, имал конкретен акционен план со точно утврдени временски рамки, кои се во насока да се подобрат состојбите.
Фидани е судија на Врховен суд од 2017 година. Според неговата кратка биографија објавена на веб-страницата на судот, по завршување на средно училиште и отслужување на воениот рок, во 1985 година Фидани се запишал на Правниот факултет на Приштинскиот универзитет. Од 2005 до 2007 година бил секретар на Општина Врапчиште, а од 2007 до 2011 година адвокат, со седиште во Гостивар. Во 2011 година е избран за судија во Апелацискиот суд Скопје во кривичниот оддел.
Неговата противкандидатка, судијката Беса Адеми, кариерата ја започнала како стручен соработник, а потоа и како заменик народен правобранител. Во 2004 година е избрана за судија во Апелацискиот суд, а подоцна и во Врховниот суд. 13 години подоцна, во 2021 година, таа беше избрана за претседател на Врховниот суд.
Претседател на Врховниот суд се избира од редот на судиите кои имаат најмалку 6 години непрекинат судиски стаж, со мандат од 4 години и со право на уште еден избор.
Судскиот совет денеска избра судии во второстепените судови. Со унапредувањето на претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, во судија на Апелацискиот суд, скопска единица најверојатно ќе добие ВД. Покрај Џолев, нови судии кои ќе постапуваат во кривичната област на скопската апелација се судијките, Марија Клетничка Марковска и Оља Ристова, од Кривичен суд и Бетим Јахја од Основниот суд Тетово. (П.А.)