Судиите и судската администрација сè уште не ја примиле ноемвриската плата, поради што веќе четири суда најавиле можен прекин на работата. Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека не е исплатен ниту регресот за годишен одмор, иако се знае дека ќе се затвори трезорската сметка до 15 декември. Опфатени се 1.400- 1.600 вработени.

Независниот синдикат на државната администрација и Независниот синдикат на судската администрација излегоа со барања до Владата и до надлежните институции, предупредувајќи за можен штрајк во сите судови доколку не се подобрат материјалните услови и не се реши проблемот со недостигот на кадар.

– Актуелната ситуација во судовите е многу сложена, има огромен недостиг на персонал, недостигаат референти, дактилографки и стручни соработници, а вработените се принудени да извршуваат задачи дури и за четворица колеги. Веќе три години нема огласи за нови вработувања, што ја прави состојбата уште полоша. На пример, во Врховниот суд има 44 дактилографки на 69 судии. Во писарниците, еден вработен работи со по двајца или тројца судии. Ова значи дека еден вработен во писарница може да има од 600 до 1.200 предмети. Додатоците на плата не се исплатени од март, што е неприфатливо – истакна Деаноски.

Тој побара итно донесување на законот за судската служба и Јавното обвинителство, и тоа до крајот на оваа година, за, конечно, од 2026 да се вреднува работата во судската сфера. Тој порача дека состојбите во судството се причина што токму таму имало најмногу штрајкови.

– Судскиот буџетски совет наместо да се бори да добие 0,8 % од БДП, како што е предвидено со закон, на седница носи одлука да се бара понизок износ, што е спротивно на законот. Ама нив, секако, не им се битни вработените, битно е само да си обезбедат средства за плати, кои се многу пати поголеми од оние на вработените и неколку пати поголеми од платите на судиите, кои редовно ги извршуваат работните задачи во судовите – рече Деаноски.

 

ИЗДВОЕНИ