Судењето за обвинетите во „Адитив“ се одржува во дигиталната судница во КПД Идризово

418

Во големата судница во Идризово започна судскиот процес „Адитив“кој се однесува на  проневера при јавните тендери и перење на пари во врска со набавката на додатоци за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и пет правни субјекти, меѓу кои и високи функционери од енергетскиот сектор. Поради големиот број на обвинети судијката Даниела Димовска одлучи судењето да се одржува во дигиталната судница во КПД Идризово.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов денеска на прес-конференција од пред судницата рече дека станува збор за европска судница, која заслужува многу почесто да биде користена и испрати апел до сите судии да ја користат за поголеми случаи, вклучувајќи го случајот и со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

-Оваа судница е направена во 2020 година. Првото судење е направено дури после две години, во 2022 година, и од тогаш за жал до ден денес, оваа судница е празна, изјави Пандов и додаде дека судницата е во одлична состојба и се она што недостасувало од технички аспект, сега е поправено. Пандов најави дека до крајот на годината или до почеток на следната ќе почне изградба и на втората фаза од затворот Идризово, што се наоѓа во близина на оваа судница.

-Она зеленило што го гледате на 50 метри од самата судница е предвидено за изградба на втората фаза од затворот Идризово, за кој што јас искрено се надевам дека ќе започне до крајот на годината, ако не почетокот на следната година. Таму ќе се наоѓа притворот, ќе има 420 кревети за 420 осомничени лица. Ќе биде идеална за сите останати судења, не само поголемите судења, туку и помали судења, за да не треба да се прават спроводи од Шутка или од Куманово или од некој друг град до Кривичен, туку веднаш до самата судница ќе биде главниот притвор на државата – додаде Пандов.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ