Во Кривичниот суд продолжи судскиот процес против Љирим од Тетовско, кој девет години, додека биле во брак, ја терал својата сопруга на сексуални односи со други мажи за пари. Клиентите ја признаа вината, но тој не. На вчерашното рочиште, неговата одбрана го имаше воведниот збор.

 

Случајот со Французинката Жизел Пелико, која сопругот десет години ја дрогирал и ја продавал и која стана симбол на борбата против сексуалното насилство, се препознава во судењето во Кривичниот суд за трговија со луѓе. Обвинетиот сопруг, Љирим, од тетовските села, кој на минатото рочиште негираше вина, вчера го имаше воведниот збор пред судијата Ненад Савевски.

Сопругот девет години ја продавал својата жена во тетовскиот крај, преставувајќи ја пред клиентите како своја пријателка. Клиентите ги наоѓал преку лажен профил креиран на социјалните мрежи. Обвинетите клиенти за кои Обвинителството има најдено докази во мобилните телефони, Наим, Самир, Димал, Арменд и Фљорим, освен еден, кој е недостапен за полицијата, ја признаа вината и постапката за нив беше одвоена.

Според обвинението, жената била тепана и психички малтретирана по секоја средба за принудна проституција, која ја договарал нејзиниот сопруг со клиентите. Средбите на кои ја терал да го продава своето тело се случувале во куќите на клиентите, ама и во нивниот семеен дом и по кафеани во Тетово и во Гостивар. Сопругот ја контролирал жената како марионета, а полицијата почнала да се сомнева откако бил пријавен за семејно насилство. Неговата контрола и изопаченост биле толку големи што ја гледал во живо, преку видеоповик на телефон, а откако ќе му ги дадела парите, ѕверски ја малтретирал, ја горел со цигара по телото.

– Првоосомничениот, во текот на деветгодишната брачна заедница со жртвата, ја злоупотребил својата положба и постапувал со својата сопруга на особено понижувачки и суров начин, воспоставувајќи целосна контрола врз неа. Тој, со употреба на сила и со сериозна закана, извршувал физичко и психичко насилство над неа, континуирано нанесувајќи ѝ телесни повреди и заканувајќи се за нејзиниот живот и за животите на членовите на нејзиното семејство, по што почнал да ја принудува на сексуална експлоатација преку проституција, за стекнување парична корист и наркотична дрога. Тој стапувал во контакт со клиентите, го договарал местото, како и надоместокот, кој бил во пари или соодветна грамажа наркотична дрога  кокаин. Додека била жртвата со корисниците, првоосомничениот имал целосна контрола, следејќи ја понекогаш и преку видеоповик, а потоа, откако ќе му ги дадела парите или дрогата, ја претепувал, ја горел со цигара и ѝ нанесувал тешки повреди, од кои заздравувала со денови – пишува во обвинението.

Обвинителката за организиран криминал, Сузана Мирчевска, во воведниот збор кажа дека станува збор за случај со кој се задира во најсуптилните човекови права кај посебна категорија жртви на ова кривични дело, во случајов жена и деца.

– Со физичка сила и со закани за нејзиниот живот и животот на нејзините родители и браќа, ја принудувал да дава сексуални услуги на лица што ги наоѓал на социјалните мрежи. Креирал лажен профил, преку кој им се обраќал и им кажувал што да ѝ прават – кажа обвинителката на минатото рочиште.

Дека трпи насилство и принуда за проституирање, пријавила нејзината мајка кога ја затекла во многу лоша состојба, од ќотек што следувал кога клиентот не бил задоволен од услугата.

Судењето против сопругот и против клиентите на Французинката Пелико беше јавно. Во Франција, таа стана меѓународна феминистичка икона и симбол на борбата против сексуалното насилство, зашто не сакаше да го крие својот идентитет. Таа се согласи да бидат прикажани видеоснимките од злоупотребувањето, кои ги снимал нејзиниот сопруг кога била онесвестена. Во македонскиот случај, експлицитните докази, најверојатно, ќе бидат изведени зад затворени врати. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ