Барањата за добивање на субвенцијата од 1.000 денари која ќе им ги намалување една година сметките за потрошена електрична енергија се во процес на разгледување.  

Во тек е јавниот оглас за субвенции за инвертер клима-уреди, со кој директно се таргетираат ранливите потрошувачи на енергија. Оваа мерка има за цел да го подобри квалитетот на живеење и да ги намали трошоците за енергија во домаќинствата. Рокот за аплицирање е до крајот на месецот

 

Јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменет за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи на енергија, заврши на 30 август 2025 година. На огласот се пристигнати 878 барања и тоа, 227 се од домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, 296 се од семејства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост, 201 барање се од домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица и 154 се од домаќинства со едно или повеќе потполно глуви лица.

– Барањата се во процес на разгледување. Од следната недела, обработените податоци ќе бидат доставувани до надлежните институции опфатени со Јавниот оглас и Програмата на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Комисиите составени од по три члена, ќе ја вршат потребната проверка преку институциите и ќе предложат решенија до министерот – информираат од Министерството за енергетика.

Финансиската поддршка се обезбедува преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1000 денари месечно, во траење од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето.

– Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи и да им помогнеме да ги надминат предизвиците кои ги носи секојдневието. Финансиската поддршка за електричната енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби – истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Поддршката ќе се пресметува на месечната сметка за струја, започнувајќи од месецот по објавата на списокот на корисници. Согласно правилата, неплаќањето на две последователни сметки доведува до укинување на решението за финансиска поддршка.

Инаку, во тек е јавниот оглас за субвенции за инвертер клима-уреди, со кој директно се таргетираат ранливите потрошувачи на енергија. Оваа мерка има за цел да го подобри квалитетот на живеење и да ги намали трошоците за енергија во домаќинствата. Рокот за аплицирање е до крајот на месецот.

ИЗДВОЕНИ