ЈСП е претпријатие кое добива најголеми суми субвенции од Град Скопје од сите останати градски претпријатија, но за жал, и покрај тоа, скопјани се соочуваат со хаос во јавниот градски превоз. Ова претпријатие за 2025 година доби дополнителни 150 милиони денари, односно околу 2,4 милиони евра субвенции со последните измени на одлуката за нивно доделување од страна на Град Скопје. Градските советници на последната седница на Советот дадоа зелено светло субвенциите од 600.000.000 денари да се зголемат на 750.000.000 денари. МВР постојано информира дека на некоја локација во градот се запалил автобус на ЈСП, освен тоа, постојните автобуси се стари и во недоволен број, се расипуваат, па патниците мораат да чекаат да бидат префрлени во друг, а голем проблем е и тоа што поради недоволниот број автобуси не се почитува возниот ред, па автобусите доцнат, а граѓаните и на минусни температури и на +40 Целзиусови степени со часови, нервозни чекаат на автобуските постојки доцнејќи на работа, на училиште, на лекар…  Да не зборуваме за тоа дека скопјани се жалат и на хигиената во автобусите и на нефункционирањето на клима-уредите во нив

 

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ е лидер кога е во прашање добивањето субвенции од Град Скопје. Ова претпријатие за 2025 година доби дополнителни 150 милиони денари, односно, околу 2,4 милиони евра субвенции со последните измени на одлуката за нивно доделување од страна на Град Скопје. Градските советници на последната седница на Советот дадоа зелено светло субвенциите од 600.000.000 денари да се зголемат на 750.000.000 денари.
Образложението за доделување на субвенции од градските власти е дека ЈСП во изминативе години се соочува со тешкотии во работењето предизвикани, пред сè од ненаплатени побарувања за покривање на дел од трошоците за бесплатен превоз на редовните студенти од државните универзитети.

– Претпријатието, и покрај проблемите со кои се соочува, непрекинато овозможува бесплатен превоз на редовните студенти од државните универзитети, иако од страна на Владата не се исплатени трошоците за бесплатен превоз на студенти за повеќе академски години. И покрај големиот број барања, информации и ургенции доставени од страна на Град Скопје и од страна на ЈСП Скопје до надлежните институции, долгот, кој изнесува 8 милиони евра, не е исплатен – образложуваат градските власти, објаснувајќи дека конкретно оваа последна сума субвенции е за плати на вработените во ова претпријатие и да нема проблеми во нивната исплата до крајот на годината.

Според првата донесена одлука за субвенционирање 140 милиони денари од нив беа наменети за обезбедување бесплатен превоз на пензионерите, односно за жени постари од 62 години и за мажи на возраст над 64 години и за бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети. Дури 600 милиони денари беа предвидени за тешкотии во работењето и за плати на вработените, за функционирање на АЛВ и систем за интелигентна наплата беа наменети 60 милиони денари и милион и пол денари субвенции за поставување натстрешници на автобуски стојалишта.

ЈСП е претпријатие кое добива најголеми суми субвенции од Град Скопје од сите останати градски претпријатија, но, за жал, и покрај тоа, скопјани се соочуваат со хаос во јавниот градски превоз.

Министерството за внатрешни работи постојано информира дека на некоја локација во градот се запалил автобус на ЈСП, освен тоа, постојните автобуси се стари и во недоволен број, се расипуваат, па патниците мораат да чекаат да бидат префрлени во друг, а голем проблем е и тоа што поради недоволниот број автобуси не се почитува возниот ред, па автобусите доцнат, а граѓаните и на минусни температури и на +40 Целзиусови степени со часови, нервозни чекаат на автобуските постојки доцнејќи на работа, на училиште, на лекар…  Да не зборуваме за тоа дека скопјани се жалат и на хигиената во автобусите и на нефункционирањето на клима-уредите во нив.

Набавката на нови автобуси, пак, која сакаше да ја реализира Град Скопје со земање кредит кај домашна банка, не помина кај советниците иако од градоначалничката Данела Арсовска тие беа убедувани самите да ги одредат условите и да го извршат изборот на банката. Тоа се влече од самиот мандат на Арсовска, иако досега тоа можеше да се направи, а скопјани ќе имаа попристоен, а не хаотичен јавен превоз.

Останува граѓаните да се надеваат на набавката на 120 електрични автобуси која во моментов ја спроведува Владата, за што Министерството за транспорт распиша и тендер кој во моментов сè уште тече. Од 120 автобуси, како што беше најавено, се очекува 80 да бидат наменети за градскиот превоз во главниот град, а останатите 40 да им бидат поделени на општините кои имаат јавен превоз.

(А.П.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ