Општина Ѓорче Петров првпат ќе доделува парична помош на своите жители за набавка на клима-уреди или за топлотни пумпи.
За таа цел е објавен јавен повик според кој Општината субвенционира до 50% или максимум 15.000 денари за клима-уред и до 10% или максимум 21.000 денари за топлотна пумпа. Данокот на личен доход го покрива Општина Ѓорче Петров.
-Целта е да ги стимулираме граѓаните кон поекономично и еколошки прифатливо затоплување – потенцираат од Општина Ѓорче Петров.
На повикот можат да аплицираат жители на Општина Ѓорче Петров кои: имаат живеалиште на подрачјето на општината, набавиле клима уред или топлотна пумпа во период од 1.1.2025 година до 30.6.2025 година, не користат и немаат техничка можност за приклучок на градско централно греење, користеле печка на дрва, јаглен, нафта или мазут и се согласни доброволно да ја предадат на Општината, како и не добиле претходно субвенција за печки за загревање (печка на пелети) или инвертери.
Јавниот повик е отворен до 30.06.2025 година или до исцрпување на буџетските средства. Постапката ќе се реализира по редослед на пристигнување на барањата со комплетна документација.