Студија покажа далеку поголема застапеност: Десетици тони пестициди присутни во облаците над Франција

27

До 140 тони активни пестициди, од кои некои се забранети во Европската Унија, се растворени во облаците над континентална Франција, според резултатите од француско-италијанска студија.

Информации за ова објавува „Монд“.

Истражувањето покажа дека облаците се многу поголем резервоар на пестициди од очекуваното и дека секој ден значителни количини на активни супстанции – хербициди, инсектициди, фунгициди – се таложат на земјата во дождот, а пестицидите талкаат низ атмосферата и паѓаат во форма на дожд или снег стотици, па дури и илјадници километри од местото каде што се користеле, ефикасно покривајќи ја целата планета со коктел од отрови.

Во студијата, која ќе биде објавена во октомвриското издание на списанието „Environmental Science & Technology“, француско-италијански тим за прв пат ја процени количината на активни супстанции – хербициди, инсектициди, фунгициди и нивни метаболити – кои се присутни во облаците што циркулираат над континентална Франција.

Авторката на студијата, Анџелик Бјанко, истражувачка во Лабораторијата за физичка метеорологија на Универзитетот Клермон-Оверњ, изјави дека очекувала да пронајде „само неколку килограми“ пестициди во облаците над Франција, но се покажало дека, во зависност од облачноста, помеѓу шест и 140 тони пестициди циркулирале на француското небо.

Авторите на студијата барале речиси 450 супстанции во шест примероци од облаци земени во различни сезони од врвот Пуј де Дом во централна Франција, на надморска височина од околу 1.500 метри, користејќи ги објектите на Глобалната физичка опсерваторија Клермон-Феран.

Нешто повеќе од триесет молекули од супстанциите биле откриени во барем еден примерок.

ИЗДВОЕНИ