Во Чифте-амам, на 19 февруари, во 18 часот, ќе биде отворена изложбата на словачкиот уметник Ладислав Каменицки, насловена „Студии во апстракција“.
Ова е негова осма самостојна изложба која обединува дела од повеќе различни уметнички циклуси. Во просториите на Чифте-амам се поставени некои од неговите најрани платна од 2018 година, како и други, создадени пред само неколку месеци. Во изложените дела уметникот истражува низа концепти што често се појавуваат во неговото творештво: перцепцијата, просторот и апстракцијата како средство за изразување идеи и метафори.
Куратори на изложбата се проф. Кирил Пенушлиски и Јасминка Намичева – кустос-советник, а во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ Скопје во соработка со Националната галерија на Македонија, Амбасадата на Словачка во Македонија, Амбасадата на Македонија во Словачка и Министерството за култура и туризам.
– Изложбата започнува со неколку слики — омажи на уметници и личности кои значително влијаеле врз креативниот пат на Каменицки. Овие дела можат да се разберат како манифестации на размислувањата на Каменицки за важни идеи — од разни теоретски концепти во астрофизиката до метафизички интерпретации на универзумот. Меѓу прикажаните слики има пространи, космички инспирирани композиции, но и други што се вдахнати со прецизниот, повторувачки ритам на оп-арт-структурите, изградени од коцки. Кон нив се придружуваат и низа други платна што одаваат почит на влијателни уметници или личности чии идеи и визии го инспирирале или го обликувале творечкиот развој на Каменицки. Заедно, тие создаваат дијалог меѓу бесконечното и конструираното, меѓу интуицијата и структурата, меѓу историското влијание и современиот ликовен израз, посочуваат од Националната галерија.
Публиката ќе може да ја види изложбата до 1 март.












