– Среќна сум поради мојот постигнат успех, кој го доживувам како голема мотивација за во иднина. Во целиот процес беа потребни истрајност и голем труд за да се постигне овој резултат. Модата е моја животна страст и професионална определба и целосно се вложувам во неа. Сѐ уште студирам и учам и ќе продолжам да се трудам за уште поголем успех – вели за весникот ВЕЧЕР Роглева, која ја освои втората награда и со тоа се пласираше меѓу петтемина најдобри учесници, во конкуренција на 450 пријавени студенти од повеќе европски земји

 

Студентката Марија Роглева од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје е меѓу топ-петте млади модни дизајнери на големото финале за европската награда на модната куќа „Пјер Карден“ кое се одржа во грчката престолнина.

На настанот што се одржа во саботата вечерта, пред многубројната публика во импресивен амбиент на Божиќниот театар во Атина, Роглева ја освои втората награда и со тоа се пласираше меѓу петтемина најдобри учесници, во конкуренција на 450 пријавени студенти од повеќе европски земји.

Нејзината креација е инспирирана од футуристичката естетика на Пјер Карден.

Преовладуваат геометриски форми, кои се компонирани со симетричен и со асиметричен принцип. Доминантна е кралската сина боја во комбинација со црна и со светлосина.

Материјалот е американски сатен. Креацијата е наменета за млади и смели девојки, кои храбро гледаат кон иднината.

 

Oд Факултетот за арт и дизајн посочуваат дека ова е голем успех за младата дизајнерка, која ги доближи Европски универзитет и нашата држава до достигнувањата на реномираните европски школи за уметност и дизајн.

За младата дизајнерка Марија Роглева, ова беше непроценливо искуство, преку кое се стекна со важни лекции за професијата моден дизајнер.

– Среќна сум поради мојот постигнат успех, кој го доживувам како голема мотивација за во иднина.  Во целиот процес беа потребни истрајност и голем труд за да се постигне овој резултат. Модата е моја животна страст и професионална определба и целосно се вложувам во неа. Сѐ уште студирам и учам и ќе продолжам да се трудам за уште поголем успех – вели Роглева за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, тринаесеттемина финалисти се претставија со свои креации на заедничка модна ревија. Тројцата добитници на првата награда ќе имаат можност за четиримесечна практика во студиото на „Пјер Карден“ во Париз. Втората награда, која им беше доделена на Марија и на уште еден учесник, се состои од статуетка и диплома.

Наградите на добитниците им ги додели лично Родриго Базиликати-Карден, претседател на групацијата „Пјер Карден“.

Во Атина, Марија Роглева беше придружувана од проф. д-р Гордана Вренцоска, под чие менторство се правеа подготовките за финалниот настап. Тие имаа можност да поразговараат со претседателот на куќата „Карден“ и да му се заблагодарат за можноста и за поддршката што им ги дава оваа компанија на младите модни дизајнери.

Во рамките на целовечерниот настан, беше одржана „Танц на галаксиите“, мултимедијална балетска претстава, а потоа се одржа ревија на висока мода на модната куќа „Пјер Карден“. Настанот го проследија повеќе од 1.500 посетители, а беа присутни и новинари од неколку земји. (Д. Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ