EPA/SERGEI ILNITSKY

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не се очекува потпишување на никакви документи по самитот меѓу рускиот лидер Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на Алјаска.

Тој истакна дека би било погрешно однапред да се предвидат резултатите од самитот Русија-САД во Алјаска.

„Не, не се очекува, ништо не е подготвено“, изјави Песков пред новинарите, одговарајќи на прашањето дали ќе биде потпишан документ по самитот на лидерите на Русија и САД, пренесува РИА Новости.

Песков, исто така, рече дека би било погрешно да се брза и однапред да се предвидат резултатите од руско-американскиот самит.

„Засега, се разбира, би било голема грешка да се брза, да се обидеме да се понапредиме и да се обидеме да го предвидиме исходот“, им рече Песков на новинарите.

Песков рече дека за време на самитот ќе бидат разгледани прашања поврзани со решението на украинскиот конфликт.

„Претседателот Путин и претседателот Трамп имаат намера да разговараат, тие се подготвени да разговараат и ќе разговараат за најтешките прашања“, рече Песков, пренесе Рија Новости.

Како што истакна тој, подготовката за средбата меѓу Путин и Трамп се одвивала во краток временски период и дека сите параметри биле почитувани.

Трамп и Путин ќе се сретнат на 15 август во Анкориџ – најголемиот град во сојузната држава Алјаска.

Шефот на Белата куќа изјави дека целта е да се стави крај на конфликтот во Украина. Според него, тоа ќе биде „пробен“ состанок за да се утврди дали е можен мировен договор.

Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, најави дека претседателите ќе се фокусираат на разгледување опции за долгорочно мирно решение на конфликтот. Според американскиот секретар за финансии Скот Бесант, санкциите против Русија би можеле да бидат заострени ако средбата во Алјаска е неуспешна.

ИЗДВОЕНИ