Еден од објектите лоцирани во рамките на споменичната целина Градски центар Гостивар, прогласен за значајно културно наследство, е во опасност да се урне поради изградба на нов објект непосредно зад оваа куќа. Градежните работи непречено се одвиваат пред очите на институциите, и покрај тоа што локацијата е строг центар на Градот, а жителите од околните згради кои реагираат на опасното градилиште испратиле и претставки до надлежните.

Како што посочуваат гостиварци, и кај останатите објекти што од страна на Управата за заштита на културно наследство, а по предлог на НУ Конзерваторски центар Гостивар, од 2018 година, се дел од заштитената област, постои можност да ја доживеат истата судбина како и куќата  музеј на Владо Малески, авторот на македонската химна, во Струга. Имено, минатата година спомен-куќата на Малески беше делумно урната поради ископувањата кои се вршени за изградба на друг објект во непосредна близина.

Случајот со објектот во Гостивар е речиси идентичен. Сите куќи што се дел од оваа споменична целина датираат од 20 век (изградени врз урбана структура од 17 до 19 век) и се наоѓаат во централното градско подрачје на градот Гостивар.  Амбиенталната вредност на предметната споменична целина е препознатлива преку оформените улични фронтови, особено на улиците „Илинденска“ и „ЈНА“, како и преку амбиентот создаден со обликувањето на паркот во центарот на градот, градскиот плоштад со црквата „Св. Богородица“ и станбените објекти во низи што ги опкружуваат.

Непосредно зад куќата која е лоцирана на крајот на самиот плоштад во Гостивар и која со решение влегува во споменичната целина, се копаат темели за изградба на приватна куќа. Со градежните зафати се поткопуваат и темелите на засегнатиот објект, па дури како што посочуваат гостиварци, имало и напукнување на ѕидовите.

Според решението од Управата, културното наследство треба да има гарантирана заштита што ја обезбедува државата, што меѓу другото подразбира „спречување појави, влијанија и дејства на посегање со кои се врши или може да настане оштетување, уништување или нарушување на интегритетот на споменичната целина и на кој било нејзин составен дел, а на подрачјето на контактната зона не е дозволено да се градат или да се внесуваат капацитети што придонесуваат за присуство на разни форми на загадување или предизвикуваат бучава и вибрации…“.

Градскиот центар на Гостивар има неоспорна историска, архитектонска, урбанистичка, амбиентална и документарна вредност, а поврзано со тоа се карактеризира и со својство на автентичност, разновидност, интегралност, зачуваност и старост.

Од Управата за заштита на културно наследство вчера, до затворањето на весникот ВЕЧЕР, не добивме одговор на нашето прашање за каков вид градежни зафати се работи и дали објектите од градскиот центар се загрозени од објектот што се гради до нив.

Од секторот за урбанизам на Општина Гостивар, пак, за весникот ВЕЧЕР велат дека се запознати со случајот и дека не постои опасност по објектот. Доколку имало некаков проблем, тој ќе се појавел додека се градел подрумот на објектот, а не сега, кога се гради приземје и прв кат. Оттаму додаваат дека во тој дел се издадени две одобренија за градба, но за тоа дали се гради според одобренија, ни рекоа дека  се надлежни градежни инспектори. (Р. В.)

ИЗДВОЕНИ