Сите угостители на струмичкиот плоштад по преговорите со Општина Струмица се согласиле да ги отстранат сите неправилности во однос на објектите, како доградби, монтажни додатоци, тенди, платформи и стакленици, кои не се во согласност со законот. За постигнатиот договор со угостителите информираше градоначалникот на Општина Струмица, Костaдин Костадинов.
– Сите угостители се согласија и прифатија да ги отстранат неправилностите кои ги констатираа инспекторите и доброволно да го ослободат плоштадот. Верував дека ваквото решение е најдоброто, и за граѓаните и за угостителите. Како градоначалник, ќе бидам прв кој ќе застане зад иницијатива за измени на Законот за градење, каде што на разумен и рационален начин ќе се вградат потребите на угостителите, но и ќе се зачува јавниот интерес на сите граѓани. Стар или нов правилник не го решава суштински проблемот. Решението е во дијалог, почитување и разбирање. Благодарен сум за поддршката од граѓаните и од сите угостители. Само заедно можеме да си ја направиме нашата Струмица уште поубава – напиша на Фејсбук, Костадинов.
Истиот проблем постои и во Кочани. Но, за разлика од Струмица кочанските угостители се противат самите да ги отстранат нерегуларностите. На тоа реагираше и в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски.
– Жално е што после немилиот настан најголем дел од угостителите во Кочани наместо сами да си ги отстранат нерегуларностите (дивоградби, вентилација, узурпација на простор итн.), чекаат на крајните рокови за присилно отстранување. Што треба да се случи да се освестат? Општина Кочани ќе ги преземе сите неопходни мерки и нема да дозволи самоволие и кршење на законите. Исто така, нека се преиспита и народот што им оди во таквите дивоградби и небезбедни објекти – истакна в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски, поздравувајќи го потегот на струмичките угостители.