Во две полициски рации спроведени само во еден ден, во неделата, биле приведени осум шверцери на мигранти.
Од МВР информираат дека по повеќемесечно криминалистичко истражување била спроведена координирана полициска операција во која е сузбиена шестчлена организирана криминална група, која подолг временски период нелегално транспортирала мигранти на македонска територија. Во нивното возило биле откриени шест мигранти од Кина, од кои едно било малолетно лице.
– Во периодот од април до 13 јули 2025 година, А.И., Б.И., Б.З., В.Т., В.Т. и Р.Р., со цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, во повеќе наврати извршиле шверцување илегални мигранти, со што се стекнале со значителна противправна имотна корист. Мигрантите на територија на РСМ биле илегално пренесувани од Србија, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на с. Лојане, општина Липково, од каде со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно договорени локации. На овие локации, А.И. и Б.И. ги прифаќале мигрантите и со возила ги превезувале до локации во околина на Куманово, од каде Б.З. ги прифаќал и ги превезувал до околината на Гевгелија во близина на границата со Грција, каде, пак, ги прифаќал В.Т. и пеш ги упатувал до граничната линија со Грција, на т.н. зелена граница. Претходно, т.н „чистач“ на сите транспорти на мигранти вршени од Б.З. бил В.Т., кој користел разни видови патнички моторни возила. Шверцувањето на мигрантите Б.З. го вршел така што ги отстранувал оригиналните регистарски ознаки од возилата со кои го вршел транспортот и ставал регистарски ознаки кои потекнувале од други моторни возила, нерегистрирани или од возила кои биле претходно одјавени. По претходен договор помеѓу А.И., Б.И., Б.З., Р.Р. и В.Т., на 13.07.2025 било организирано прифаќање, привремено засолнување и превезување на шест лица илегални мигранти од Кина, од кои едно малолетно лице. Б.И., како возач, и А.И. како совозач во возилото, од околината на с. Лојане во близина на граничната линија помеѓу Србија и РСМ прифатиле шест мигранти и ги транспортирале до локација во близина на с. Пчиња. Таму Б.З. како возач и Р.Р. како совозач ги прифатиле мигрантите, а т.н. „чистач“ бил В.Т. Притоа, Б.З. не застанал на даден знак од полициски службеници туку почнал да се движи наназад со возилото во обид да избега, но за кратко време лицата се лишени од слобода, а пронајдени се и мигрантите од Кина, се вели во соопштението од Обвинителство. Оттаму додаваат дека мигрантите биле сместени во Прифатниот центар за странци „Гази Баба“ во Скопје, а лишените од слобода се задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Истовремено, на подрачјето на Гевгелија, по претходно обезбедени докази, од слобода е лишен и В.Т. Истиот ден биле извршени претреси на вкупно пет локации на подрачје на Скопје и Куманово, при што биле пронајдени и одземени три патнички моторни возила, мобилни телефони кои лицата ги користеле за извршување на кривичното дело, СИМ-картички, пари и др.
– Националната единица за сузбивање на шверцување мигранти и трговија со луѓе при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 14.07.2025 до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против шест лица и тоа, против А.И. (46), Б.И. (26), двајцата од Куманово, Б.З. (28), В.Т. (38) и Р.Р. (19), тројцата од Скопје и В.Т. (56) од Гевгелија, сите за сторено кривично дело „шверцување мигранти“ (член 418-б став 2 и став 4) во врска со кривично дело „соизвршителство“ (член 22) од Кривичен законик, се вели во соопштението.
Истиот ден, на автопат А1, Неготино – Градско, во близина на село Црвени Брегови, Неготинско, биле уапсени две момчиња Џ.Џ.(19) и М.А.(18), двајцата од Струмица. Во преглед на „фиат“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Џ.Џ., а совозач бил М.А., биле пронајдени 11 лица мигранти од Египет, од кои девет малолетници. Мигрантите биле спроведени во Прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија, а Џ.Џ и М.А. биле задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.