За 22 дена од оваа година, до операторите на сервисот на Општина Струмица за пријавување комунални проблеми, „Систем 48“, биле пристигнати вкупно 55 пријави. Најголем број, односно, 47 од нив, биле за уличното осветлување, две за собирање смет и исто толку за водовод и канализација, а по една пријава за општински инспекциски служби и паркови и зеленило.
– Пријавите се доставени до надлежните општински служби, дел се решени, а другите се во фаза на решавање бидејќи за нив е потребно повеќе време од 48 часа. Минатата година, до овој сервис биле доставени вкупно 1.153 пријави, од кои најголем дел се решени – нагласуваат од Општина Струмица.
Оттаму додаваат дека „Систем 48“ функционира 14 години и се покажал како корисен информациски, интерактивен систем на јавно достапните услуги на Општина Струмица, кој предвидува решавање на проблемите на граѓаните во рок од 48 часа.
Општинските власти потсетуваат дека на бесплатните телефонски броеви 080014848 и 076/484-848 граѓаните можат да пријавуваат проблеми од областа на уличното осветлување, општински инспекциски служби, собирање смет, водовод и канализација, улици, патишта и тротоари, урбана опрема, паркови и зеленило, кучиња скитници, сообраќајна сигнализација. По пријавувањето, операторите во „Систем 48“ ќе го проследат барањето на граѓаните до надлежните општински служби, а во рок од 48 часа ќе добијат одговор, конечно решение или поведена постапка за решавање на нивното барање.
Градоначалникот, Петар Јанков, ги охрабрува граѓаните на Општина Струмица помасовно да ги користат услугите на „Систем 48“ и да ги пријавуваат проблемите со кои се соочуваат и ги забележуваат, а општинските служби веднаш ќе пристапат кон нивно решавање. Покрај пријавувањето проблеми, овој систем е отворен и за предлози и за сугестии со цел подобар живот на сите граѓани во Општината.












