Од 1 јануари струјата поскапува во сите четири блока. За 85 отсто од домаќинствата сметките за струја ќе се зголемат за 2,28 отсто или од 57 до 70 денари. По блокови зголемувањето ќе биде од 2,45 отсто во првиот блок, 2,87 отсто во вториот блок, 3,32 отсто во третиот до 3,84 проценти во четвртиот блок, додека евтината тарифа ќе се покачи за 2,5 отсто. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски појасни дека оваа одлука е конечна и дека ќе се применува од Нова година, а е донесена и покрај барањето на ЕВН хоум за значително поголемо зголемување на цената на струјата.
Тој појасни дека едно домаќинство кое има потрошувачка од 210 киловат часови во прв блок и 277 киловат часови во евтина тарифа месечните сметки за струја ќе бидат повисоки за 57 денари, за домаќинствата кои имаат потрошувачка од 210 киловат часови во прв, 420 киловат часови во втор блок и 682 киловат часови во евтина тарифа струјата ќе се зголеми за 70 денари. За оние кои влегуваат и во трет блок, а такви се само 1,73 отсто од домаќинствата, односно 14.000 домаќинства месечните сметки ќе бидат повисоки за 2,79 отсто, односно за 370 денари, а за оние од четвртиот блок, односно за 0,55 отсто или само за 4.400 домаќинства сметките за струја ќе бидат повисоки за 900 денари.
-Наместо предложеното зголемување од 7,66 отсто што ЕВН ХОМЕ го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45 проценти. Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87 отсто, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54 проценти. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32 отсто иако беше предложено да има зголемување од 9,63 проценти и во четврт блок зголемувањето е 3,84 отсто, наместо предложените 11,86 проценти, изјави Бислимоски.
Според РКЕ, 63,86 отсто од домаќинствата, односно 517.400 домаќинства, имаат потрошувачка само во првиот блок и во евтина тарифа, а кај нив зголемувањето на сметката ќе изнесува 2,28 проценти.
Домаќинствата кои трошат во првиот и вториот блок, 20,97 отсто од вкупниот број или 169.900 домаќинства, ќе почувствуваат зголемување од 2,59 проценти. За 1,73 проценти од домаќинствата со потрошувачка во сите три блока, зголемувањето на месечната сметка ќе биде 2,79 отсто.
Како што посочи Бислимоски, рече дека цените се намалени благодарение и на претходната одлука за намалување на мрежарината за 4,94 отсто. Оваа ставка, како што рече влијаеше на намалување на трошоците по блокови и тоа за 6,02 отсто во првиот, 5,88 отсто во вториот, 5,7 отсто во третиот, 4,87 отсто во четвртиот и 10,57 отсто во евтината тарифа.
-Малите потрошувачи може да одат на слободен пазар каде имаат за 30 до 40 отсто пониска цена на струјата. На тој начин ЕСМ ќе ја намали потрошувачката, односно ќе може таа струја да ја продава на слободниот пазар по повисока цена. РКЕ донесе одлука да остане надоместокот од 200 денари кој што се пресметува на сметките на струја. Доколку се укине, тогаш тоа ќе се одрази значително на зголемувањето на цената на струјата за блоковите, истакна Бислимоски.
Претседателот на РКЕ, рече дека доколку ЕВН Хоум не е задоволна од одлуките, има право на жалба, а предупреди и дека укинувањето на блоковите би значело дополнително поскапување.
Со оглед на состојбите на пазарите поради геополитичките случувања, од РКЕ сметаат дека цената на струјата е стабилна.
(А.С.)












