Регулаторната комисија за енергетика минатата недела ја издаде првата лиценца за складирање електрична енергија од обновливи извори во батериски системи. Секој инвеститор што ќе изгради батериски систем или т. н „сториџ“, ќе учествува на пазарот како оператор на складиште и ќе може да купува и да продава електрична енергија. Се чека на Правилникот на Министерството за енергетика со кој попрецизно ќе се регулираат прашањата кој, кога и како може да користи батериски систем

Новиот Закон за енергетика, кој почна да се применува од мај годинава, им дава обврска на производителите на електрична енергија од обновливи извори да го  складираат вишокот произведена струја во батериски системи или т. н „сториџи“. Секој инвеститор што ќе изгради батериски систем ќе учествува на пазарот како оператор на складиште и ќе може да купува и да продава електрична енергија.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) минатата недела ја издаде првата лиценца за складирање електрична енергија од обновливи извори во батериски системи на компанија која поседува фотоцентрала со вкупна моќност од околу 4,5 мегавати во реонот на Гиновци и Ранковце.

– Регулаторната комисија за енергетика на 29 септември одржа седница на која донесе Одлука за изменување и дополнување на лиценца за вршење енергетска дејност производство на електрична енергија поради зголемување на капацитетите на фотонапонската електроцентрала ФЕЦ „Гиновци“ со складиште на електрична енергија во склоп на електроцентрала и поради усогласувањето со Законот за енергетика – објави РКЕ на официјалната страница.

Складирањето струја станува неопходност, затоа што вишокот прават проблеми и дебаланс во енергетската мрежа, а тоа најдобро го почувствуваа голем дел од Шпанија и цела Португалија во април годинава, кога се случи големиот прекин на снабдувањето со електрична енергија  – „блекаут“, што влијаеше на јавниот превоз, аеродромите и на телефонските услуги.

Поради вишок електрична енергија во мрежата, и Македонија беше на работ да се соочи со „блекаут“ за време на викендот за велигденските празници. Бидејќи вишокот енергија од фотоволтаици немало каде да се пренасочи, единствен начин да се избегне хаварија бил со итно исклучување на дел од соларните капацитети од системот.

Со цел да се овозможи полесно вградување на батериски системи без да е потребно одобрение за градење, Министерството за транспорт и врски направи промена на Правилникот за поставување на опрема. Се чека и на Правилникот на Министерството за енергетика, со кој попрецизно ќе се регулираат прашањата кој, кога и како може да користи батериски систем. Тоа е шанса за компаниите и за инвеститорите да постигнат дополнителни заштеди и да ја забрзаат својата енергетска транзиција.

Законот за енергетика предвидува дека е потребно 20% од инсталираната моќност на производителите за струја, односно од фотоцентралите и од другите извори на обновливи извори на енергија, како ветерници и хидроцентрали, во иднина да ја складираат во батериски системи. Оваа обврска ја има и АД ЕСМ. Со складирањето, АД ЕСМ ќе може евтината попладневна електрична енергија да ја зачува, а по неколку часа да ја продаде преку фирмата ќерка „ЕСМ –продажба“ кога цените ќе бидат значително повисоки.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ