Општинската прес-служба соопшти дека деканот на Градежниот факултет формирал тим од тројца професори кои ќе извршат детален увид на сите клучни елементи на системот – од изворите Шум и Горна Белица, преку влезните комори и резервоари, до хлорната станица и локациите на малите хидроцентрали.
Водата од струшкиот водовод десетина дена е небезбедна за пиење. Стружани се принудени да купуваат вода за пиење и готвење или да носат вода од околните села
Стручен тим од Градежниот факултет во Скопје ќе ја анализира состојбата со водоснабдувањето во Струга, откако водата од изворот Шум, од каде што се снабдуваат градот и околните села, покажа енормна заматеност. Општинската прес-служба соопшти дека деканот на факултетот формирал тим од тројца професори кои ќе извршат детален увид на сите клучни елементи на системот – од изворите Шум и Горна Белица, преку влезните комори и резервоари, до хлорната станица и локациите на малите хидроцентрали.
По завршениот увид ќе биде изготвен извештај со стручно мислење и конкретни препораки за надминување на проблемот. Дополнително, градоначалникот на Струга Менди Ќура најави ангажирање и на приватна институција која ќе ја испита причината за високото ниво на заматеност.
Водата од струшкиот водовод десетина дена е небезбедна за пиење. Првите мостри од 9 февруари покажале заматеност од 28,56, додека дозволената вредност изнесува само 1,5, што ја поттикна и постапката на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на евентуални кривични дела против животната средина.
Стружани се принудени да купуваат вода за пиење и готвење или да носат вода од околните села. Еден жител изјави дека дневно трошат од 100 до 200 денари за вода, што создава дополнителен финансиски товар, особено за пензионерите и за поголемите семејства.
Општината посочува дека со системски пристап и вклучување на највисоката стручна институција се надева на брзо решавање на проблемот и обезбедување на безбедна вода за жителите на Струга.
Утре со почеток во 11:00 часот, во Салата на Советот на општина Струга, ќе се одржи четвртата вонредна седница на Советот во врска со безбедноста и сигурноста на граѓаните во однос на проблемите со редовното снабдување со исправна вода за пиење.
(С. Бл.)












