Грчките медиуми пренесуваат дека сообраќајната полиција значително ги зголеми контролите на патиштата, со акцент на почитувањето на безбедносните прописи и на задолжителната опрема во возилата.
Според информациите од повеќе извори, туристите ова лето се особено под лупа, а казните дури и за најмалите прекршоци може да достигнат суми што сериозно удираат по џеб.
Највисоката казна, која достигнува дури 1.500 евра, е предвидена за возачите што пушат цигара во возило во кое се наоѓа дете помладо од 12 години. Според важечките прописи, ова се смета за сериозно загрозување на здравјето на малолетниците и за ваквиот прекршок нема ниту толеранција ниту можност за намалување на казната. Дополнително, во случаите на повторено прекршување, може да дојде и до одземање на возачката дозвола на самото место.
Контролите се спроведуваат секојдневно, а најчесто санкционираните прекршоци се поврзани со задолжителната опрема. Според прописите, во секое патничко возило мора да има исправен противпожарен апарат од типот S2 (со капацитет од два килограма), комплет за прва помош со важечки рок на траење, сигурносен триаголник, резервна гума или сет за итна поправка на гума, како и рефлектирачки елек, кој мора да се наоѓа во кабината на возилото, на дофат на возачот. Казните за недостиг или за неисправност на кој било од овие елементи изнесуваат 100 евра за прекршок.
Исто така, често се казнува и возењето во папучи или во сандали без соодветна потпора, што се смета за небезбедно управување со возилото. За ваквите случаи, казната изнесува 50 евра. Непочитувањето на другите основни прописи како, на пример, неупотребата на сигурносен ремен на задните седишта, непочитувањето семафори или користењето мобилен телефон без hands-free систем, исто така, имаат значителни финансиски последици, со казни што варираат од 100 до 700 евра, а во одредени случаи и повеќе.
Оваа година, дополнително се воведени и нови забрани во туристичките области, како дел од пошироката кампања за заштита на животната средина и на јавниот ред. Пушењето на јавните плажи, во парковите и во близина на училиштата е забрането и се казнува со 114 евра, без разлика дали се работи за турист или за локален жител. Исто така, употребата на паметни уреди, вклучувајќи ги и паметните часовници, во текот на возењето е забранета и, исто така, ќе биде санкционирана.
Сообраќајните експерти и здруженија за безбедност на патиштата предупредуваат дека „незнаењето не е изговор“ и апелираат до возачите темелно да се информираат за грчките прописи пред да се упатат на патување.
Иако грчките власти тврдат дека се воведени мерките исклучиво со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, дел од туристите ги доживуваат овие политики како начин за дополнително полнење на државниот буџет преку санкционирање на недоволно информираните возачи.
Сепак, пораката е јасна: летниот одмор не треба да започне со финансиски шок. Деталната проверка на возилото пред патување, запознавањето со важечките закони и внимателното возење се клучни за безгрижен и безбеден престој во Грција. Инаку, и најмал пропуст може да чини скапо – не само парично туку и со нарушено патничко искуство.