петок, февруари 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Страв во Кумановско, се открива ли нов сериски убиец?!

Страв во Кумановско, се открива ли нов сериски убиец?!

Се проверува можна серија свирепи убиства – морничава паралела со Виктор Карамарков, чии злосторства се учат на криминологија

694

Дали е на повидок уште еден сериски убиец во Македонија, ова е прашањето што најгласно си го поставуваат жителите на селото Челопек, Старо Негоричане, откако истражните органи го уапсија и притворија  25-годишниот Т. Б., жител на селото Малотино, осомничен за убиство на нивната соселанка, 78-годишната М. С . Според Обвинителството, во периодот од 27 јануари до 12 февруари годинава, осомничениот со умисла и на свиреп начин ја убил немоќната старица, која живеела сама.

–  Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи ѝ повеќе удари со кои ѝ нанел тешки телесни повреди, од кои таа починала – соопштуваат од Обвинителството.

Но, тоа не е сè, она што најмногу ја вознемирува јавноста е фактот дека истражителите испитуваат можна поврзаност со други слични случаи во Кумановско. Дали станува збор за слични жртви, постари жени што живееле сами, од Обвинителството велат дека истрагата е во тек и се проверува дали станува збор за истиот сторител. За една од потенцијалните жртви веќе се наредени ексхумација и обдукција и се земени ДНК-траги за споредба.

– Поради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото, се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви беа наредени ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се земени траги и ДНК, кои се вештачат. Истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и на други дејства за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката – велат институциите што ја водат истрагата, ОЈО и МВР, во соработка со Судска медицина.

Осомничениот е во притвор и по наредба на Обвинителството, ќе биде подложен и на психијатриско вештачење од тим форензички психијатри во Скопје. Полицијата го познавала убиецот на жената од Челопек, за кого има истрага дали ќе ја добие придавката „сериски“. Тој е евидентиран за тешки кражби во повеќе села на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, што го отвора дополнителното прашање дали некои од тие провали завршиле трагично.

Кога го слушнаа соопштението од Обвинителството во Куманово – млад човек, 25 години, осомничен дека свирепо убил 78-годишна жена во нејзиниот дом во Челопек, многумина се сетија на името Виктор Карамарков.

Пред повеќе од една деценија, Карамарков ја остави својата трага во црната хроника. Полицијата го нарече тогаш „македонскиот Расколников“, зад кој се криеше млад зависник, кој тропаше по вратите на стари жени и ги убиваше со секира. Денес, истрагата во Кумановско го отвора прашањето што ја заледува крвта: дали се повторува моделот?

Исти жртви, различно оружје – од кражба кон убиство, од убиство кон кражба

Карамарков, роден 1981 година, во 2009 уби четири постари жени во Скопје. Влегувал во нивните домови претставувајќи се како човек што собира пари за лекување на својата болна мајка. Кога ќе го преминел прагот, од весник вадел секира. Ги удирал по глава, им го кинел накитот и ја заклучувал вратата зад себе. Потоа одел во црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров – за прошка. Жртвите биле на возраст од 69 до 83 години, ги напаѓал во нивните домови, а полицијата ги наоѓаше со крвави глави и ограбени.

Денешниот 25-годишник од Малотино, според Обвинителството, влегол во домот на 78-годишната жена во Челопек додека спиела таа. Ја нападнал физички и ја задушил со перница. И тука жртвата била осамена, стара и немоќна. И тука нападот се случил во домот. И кај Карамарков мотивот бил користољубие. Тој бил познат по кражби и според неговите изјави, ја губел контролата кога ќе видел златен накит. Насилството ескалирало во убиство. Во кумановскиот случај, полицијата истражува и повеќе тешки кражби во селата околу Старо Нагоричане. Дали и тука кражбата прераснала во убиство? Истражните органи веќе испитуваат за поврзаност со други сомнителни смртни случаи. Наредена е ексхумација на една жена, се врши ДНК-вештачење, а осомничениот е во притвор и е подложен на психијатриско вештачење.

Профилот на Карамарков што го отслика полицијата во далечната 2009 година, на брифинг со новинарите, беше дека бил осамен, интелигентен, фасциниран од „Злосторство и казна“ на Достоевски и оти се идентификувал со Расколников. По секое убиство, одел во црква – барал прошка. Истовремено, бил склон кон самоубиство. На крајот доби доживотна казна затвор.

Нареденото психијатриско вештачење за момчето од Малотино треба да ја утврди неговата пресметливост. Науката вели дека сериските убијци често се осамени, со потреба за контрола и чувство на моќ врз беспомошната жртва. Во двата случаи, жртвите биле внимателно „избрани“: постари жени што живееле сами.

Покрај случајот со Виктор Карамарков, јавноста сè уште го памети и случајот со Владо Таневски, таканаречениот кичевски монструм, кој во 2008 година уби повеќе жени во Кичево, а потоа беше пронајден мртов во притвор. И тогаш жртвите беа ранливи жени, а злосторствата беа извршени далеку од очите на јавноста. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ